Најмалку 65 лица загинале во пожар што избувнал во патнички воз во Пакистан, пренесоа западните агенции, повикувајќи се локален провинциски министер, пренесе МИА.
– Според информациите што стигаа до нас од местото на инцидентот, загинати се повеќе од 65 лица, а уште 40 се повредени, изјави министерот за здравство на Пунџаб, Јасмин Рашид, прецизирајќи дека сите повредени се транспортираат до болниците.
Огнот во возот избил кога експлодирале канистри за гориво кои патниците ги користеле за подготовка на доручек, со што биле уништени три вагони од возот во близина на градот Рахим Јар Кан, на југот од провинцијата Пуџаб.
-Разнесени се две печки за готвење, а маслото само го засилувало огнот, изјави министерот за железници, шеикот Рашид Ахмед за ТВ Гео.
„Повеќето од патниците настрадале затоа што скокнале од возот во движење“, додаде тој.
Пакистанската железничка мрежа од колонијалниот период пропадна во последните децении заради хронично недоволното вложување во модернизација и заради лошото одржување на постојната.