„Предизвик е да се биде во Министерството за правда, особено кога очекуваме отворање на преговорите – би било големо признание доколку ги отвориме преговорите, особено со тоа што ги отвораме перспективите на нашата држава кон ЕУ“, изјави мМинистерката за правда, Рената Дескоска во интервју за Канал 77, од кое објавуваме најважните акценти.
Дескоска зборуваше првенствено за Законот за јавно обвинителство и преговорите со ВМРО-ДПМНЕ, но и за Изборниот законик, како што информираше на својот Фејсбук профил.
„Идеална ситуација би била законот да се донесе. Но гледаме дека имаме отпор од страна на опозиционата ВМРО-ДПМНЕ за донесување заеднички солидни решенија коишто ќе ги имплементираат европските стандарди. Ако имаме ситуација во којашто треба да имаме закон што ќе внесе поретроградни решенија од постојните, што нема да значи напредок на нашето законодавство кон европското, мојата опција е дека тогаш би било подобро да не донесеме закон отколку да донесеме лош закон… ВМРО-ДПМНЕ не сакаше да се спомне С од СЈО во законот. Бевме принудени да извадиме верзија што ќе се доближи до нивните барања со цел да направиме консензус. Кога ја направивме таа верзија што имплементираше добар дел од нивните барања, тие одговорија со ретерирање“ – открива Министерката за правда, проф. д-р Рената Дескоска за Канал 77.
„Практично, во преговорите вие гледате дека преговарачката страна нема добра волја, ако вие постојано се доближувате до нејзините позиции и ги усвојувате, а тие бегаат два чекорa позади и истакнуваат нови и нови барања. Тоа беше една игра во која ВМРО-ДПМНЕ ја правеше со цел да дојде 15 септември, по што очекуваа дека специјалната јавна обвинителка ќе го изгуби мандатот, СЈО ќе биде замрзнато и со него и случаите и дека тоа ќе трае една година“ – вели Дескоска.
„Клучното барање на ВМРО-ДПМНЕ беше дека треба да имаме одредба според која сите постапки што се почнати по 18 месеци ќе запрат, сите докази ќе бидат фрлени во вода, а постапките пред првите 18 месеци ќе бидат трансферирани. Ние мораме да го решиме клучното прашање, а тоа е прашањето за постапките што се водат. Остануваше дилемата за тоа во која фаза ќе бидат преземени и слично. Кога ќе го решевме тоа прашање, можевме да разговараме им реков, експерти од сегде, од ЕК, од Венецијанска комисија од каде и да е“ – сподели Министерката за правда, Рената Дескоска.
„Првата верзија којашто ја пуштивме во Собрание беше блиску до она што би изгледал закон којшто би се правел во комисија, експертски – без странични интереси. Имаше одредени отстапувања во првиот текст којшто произлегоа во рамките на коалициските разговори со ДУИ, којшто се однесуваа на одредени прашања за да се задоволат потребите и да се добие поддршка во рамките на Владата. Прашања коишто се однесуваа на употреба на докази од СЈО и други прашања коишто се отворија, различни прашања и интервенции. Но, сепак тоа беше еден закон којшто беше пристоен, немаше да наруши остварување на владеење на право, од експертите би добил зелено светло. можеби не би добил петка, до би добил една четворка. За жал, свесни сме дека во Собранието мнозинство за донесување на закон е двотретинско мнозинство. Има одредени црвени линии од коишто не сме спремни да отстапиме. Вистина мислам дека нема потреба да се носи закон којшто ќе биде ретроградно решение, дури ќе содржи и скриени одредби за амнестија, доколку веќе не е ургентна таа потреба“ – објаснува Дескоска во детали.
„Вистинската суштина на предлогот на ВМРО – ДПМНЕ: Клучната разлика е во надлежностите на Организиран криминал и Обвинителството за висока корупција во предлогот којшто произлезе од Владата и предлогот којшто произлезе од ВМРО – ДПМНЕ токму тука лежи зајакот. Кај нив недостасуваат изборни нерегуларности како надлежност на Организиран криминал, тоа е точно и ние на тоа реагиравме. Тоа е многу битен криминал којшто не може да го оставите на другите обвинителства туку треба екипирано обвинителство со сите капацитети, со одреден тип на самостојност да може да одлучува и да гони вакви дела. Понатаму, злоупотреба на ИПА фондови беше извадено од нивниот предлог како надлежност на Органиизран криминал и одредени други дела коишто ние сметаме дека се тешки и значајни дела и треба да бидат гонети или од Обвинителство за организиран криминал или Висока корупција“ – вели Дескоска.
„Треба да тргнеме од идејата не на кој што му одговара, бидјеќи прво имаме одговорност спрема граѓаните и државата – треба секој функционер, секој граѓанин да биде свесен што е недозволено однесување, и да си го прилагоди своето однесување спрема законските норми, а не да бара или да создава дупки во законите со цел да се амнестира. Треба конечно да се стави точка на таквиот пристап“ – изјави Министерката за правда, Рената Дескоска.
Б. Ј.