Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) може да излезе со друг мандатар кој ќе ја формира Владата, а не со нејзиниот лидер Зоран Заев. Ова би можело да биде компромис меѓу СДСМ и ДУИ, кој ќе се откаже од својот предлог за прв Албанец премиер, велат извори од партијата за Iliria News Agency (INA).
Извори на партијата за агенцијата изјавиле дека ова прашање е на преговарачката маса, но дека ништо не е конечно, бидејќи на Заев му е тешко да се откаже, бидејќи тој е победник на изборите.
„Ова е еден од предлозите, кој има за цел владин кабинет без багаж и без биографии вмешани во прислушувања и скандали кои беа дел од политичките судири во изминатиот период“, дознава INA од партиски извори.
Според агенцијата, меѓународната заедница бара и Влада со нови имиња, кои не се вмешани во прислушувања и скандали за корупција, но и други скандали, бидејќи веќе е земја членка на НАТО.
Дали станува збор за дезинформација, вистина, уште една игра со нервите на народот или пак само желба за кликови и лајкови, би требало да се дознае многу скоро, бидејки роковите за формирање на влада течат.
Пред неколку дена и претседателот на земјата, Стево Пендаровски говореше во слична насока. Според него, следната влада треба да се формира со континуирано почитување на следниве три критериуми: прво, сите министри, не само оние кои се директно одговорни за европска интеграција, да бидат луѓе со демократски капацитет и проевропска ориентација; второ, да бидат луѓе кои не биле вклучени во никаква криминална афера, со оглед дека нашиот најважен предизвик во наредните години ќе биде владеење на правото, и последно, но не и најмалку важно, не само првиот ешалон на службениците, но и вториот и третиот, да добијат безбедносен сертификат од НАТО затоа што како земја-членка само тогаш ќе нè прифатат како сигурен партнер на Алијансата.
Инаку, само пред неколку часа СДСМ обзнани дека генералниот секретар на Николовски и Артан Груби, висок претставник на ДУИ имале конструктивна дискусија за потврда на заложбите на сите граѓани на Република Северна Македонија за мир, стабилност, безбедност и соработка во земјата и регионот, здрави меѓуетнички и соседски односи, економски развој, правна држава, чиста животна средина и општествена благосостојба.
„Разговаравме за парламентарно мнозинство и за коалиција за полн, четиригодишен, стабилен мандат.
Потврдивме дека немаме друга алтернатива за интеграција, освен членството во НАТО и во Европската Унија.
Посветени сме за просперитет и долгорочна стабилност на Северна Македонија.
Целосно сме согласни за почитување на Договорот од Преспа со Грција, Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија и Охридскиот рамковен договор.
Посветени сме на социјална кохезија, силно и толерантно општество, владеење на правото и согласни сме да се спротиставиме на сите форми на национализам и омраза.
Разговаравме дека евентуалната заедничка владина програма мора да биде во согласност со Уставот, законите и изборните програми на СДСМ и ДУИ.
Согласни сме дека се неопходни квалитетни, одговорни и отчетни кадри предложени за сите ресори од двете страни, кадри кои се подготвени во целост да ги испорачаат програмските определби и принципите на евентуалниот коалициски договор.
Потврдивме дека партиите се согласни на прочистување на правосудството и на проверка на потеклото на пари и капитал кај секој функционер, по пат на систем што заеднички ќе биде договорен“, велат од СДСМ.
Д.Е.