Како ќе започне новата учебна година? Министерството за образование и наука (МОН) по досегашните консултации со Комисијата за заразни болести, се очекува денеска да го финализира предлогот, кој потоа треба да помине на седница на Владата, анализира „Дојче веле“.
Според досегашните информации, интенција е учениците од 1-ви септември да се вратат во школските клупи, но со оглед на непредвидливоста на здравствена состојба, планот би требало да биде еластичен и да содржи протоколи за сите модели на настава: физичко присуство во училниците на дистанца и со заштитни маски, и унифицирана онлајн-настава, односно комбинирано учење со ротации на учениците на одреден период. Дебатата – кој модел е најдобар за учениците, се интензивираше во изминатите денови, со оглед дека се ближи почетокот на новата учебна година, а на училиштата ќе им треба време за реализирање на протоколите. Според министерот за образование и наука, Арбр Адеми, и во Kоординативниот кризен штаб, и во Владата, и во образовните институции (според резултатите од спроведените анкети), преовладува ставот дека учебната година треба да почне со физичко присуство.
Родителите поделени
Лекари кои се членови на Комисијата за заразни болести сметаат дека во училиштата каде што има помал број на ученици треба да има редовна настава, а во оние со поголем број ученици да има скратени часови и воведувања смени, или комбинирана настава: додека една група од исто одделение/клас ја следи наставата во училиште, другата да учи онлајн, а потоа да ротираат. Некои училишта посочија дека поради големиот број ученици и досега имале редовна настава во три смени, што значи дека немаат простор за натамошно сегментирање. Други пак, го посочуваат проблемот дека не се опремени со дигитални средства за работа, па ќе им биде тешко да реализираат настава во комбинирана форма, или за целосно учење од далечина, доколку поради епидемијата во некој период се јави потреба наставата да се одвива исклучиво онлајн. Ваквата невоедначеност на состојбите и условите, најверојатно ќе предизвика и комбинација од различни решенија во зависност од можностите на учениците и училиштата.
Целата анализа на Катерина Блажевска за „Дојче веле“, ТУКА.