Градот Скопје започна градежна офанзива за изградба и реконструкција на градските сообраќајници во вредност од 760 милиони денари, во тековната и наредната година, известуваат од Град Скопје.
Минатите два дена започна изградбата на улица Есенинова која ги поврзува општините Кисела Вода, Аеродром и Центар и реконструкцијата на улица Востаничка во Кисела Вода.
Во претстојните месец дена предвидено е да започнат реконструкциите на три булевари и пет улици во неколку скопски општини. Булеварите чиишто реконструкции ќе започнат во следниве месец дена по потпишувањето на договорите со изведувачите се: Александар Македонски (Гази Баба), Видое Смилевски Бато (Аеродром) и 8 септември (Карпош). Во истиот период предвидено е да започнат реконструкциите на улиците: Никола Карев (Центар), Џон Кенеди (Чаир), Никола Парапунов (Карпош), Боца Иванова (Бутел) и Лазар Личеноски (Центар и Чаир).
До крајот на годината предвидено е да завршат постапките за јавни набавки и да започнат изградбите и реконструкциите на следните сообраќајници: бул. Митрополит Теодосиј Гологанов, бул. Никола Карев (Пластичарска), бул. Киро Глигоров, бул. 11 октомври, ул. Македонско-косовска бригада, ул. Васил Ѓоргов, ул. Благоја Стефковски, ул. Лазар Трповски, ул. Љубљанска (со мост преку Вардар до ул. Скупи, а подоцна до бул. Словенија) и други.
Интензивно се работи на втората фаза од изградбата на бул. АСНОМ (мостот преку Вардар), втората фаза од изградбата на булевар Босна и Херцеговина, реконструкцијата на ул. Александар Урдаревски и на улицата Индира Ганди.