– Полицијата мора да биде пример за законито однесување. Згрозени сме од бруталноста на полициските службеници во снимката што беше објавена денеска. Во овој случај, правната држава треба да одреди најстрога санкција според законот. Униформата не смее да биде заштита на насилниците, туку заштита од насилството. Неказнивоста мора да престане, изјави Џабир Дерала, претседател на ЦИВИЛ.
Од МВР соопштија дека веќе го утврдиле идентитетот на полициските службеници кои брутално тепаат човек.
„Во врска со видео материјалот што денеска (24.09.) беше објавен на социјалните мрежи, а на кое се гледа незаконито и непрофесионално постапување на полициски службеници, ве известуваме дека Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при Министерството за внатрешни работи веќе го утврди идентитетот на учесниците во настанот и презема мерки и активности за целосно расчистување на случајот по што јавноста ќе биде соодветно информирана.“, стои во соопштението од МВР.
Ј. Ѓ.