ВМРО-ДПМНЕ 11 години системски го уништуваше образованието на секое ниво, а денес како опозиција продолжува со деструктивно однесување, кое е спротивно на учениците, наставниците и образовниот процес, велат од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија како реакцијата на обвинувањата претходно изнесени од ВМРО-ДПМНЕ.
Социјалдемократите реагираат дека несериозно, неодговорно и крајно незрело е да се напаѓа проект кој сѐ уште официјално не е почнат и сѐ уште се наоѓа во тест-период.
„Првпат во државата се воспоставува сложен и масовен онлајн-систем и тоа се прави за исклучително кус рок. До утрово на платформата успешно се вклучија 88.000 корисници, предизвици секако дека ќе има, но она што е важно се посветеноста и аганажираноста на сите вклучени страни во брзо надминување на предизвиците и воспоставување целосно функционален систем на онлајн-настава“, нагласува владејачката партија.
Оттука оценуваат дека ВМРО-ДПМНЕ нема право да зборува за технологии во образованието затоа што учениците воопшто не ги виделе компјутерите што требало да бидат наменети за секое дете, а вредеа десетици милиони евра. Од СДСМ велат дека потврда за тоа има и од Државниот завод за ревизија, каде што во извештаите јасно стои дека компјутерската опрема не била евидентирана ниту, пак, бил почитуван законот за предавање на опремата на училиштата.





