Во периодот од кога СДСМ е на власт просечната плата пораснала за 2 297 денари, за разлика од претходниот период од јули 2015 до јуни 2017 година кога пораснала за околу 842 денари. Ова покачување е резултат на реалната економија и мобилност, изјави вицепремиерот задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев, во вечерашното издание на емисијата Топ тема на Телма.
„Притискот врз работодавачите станува поголем. Луѓето бараат поголеми плати и тоа е реално и ние затоа ја креиравме мерката за зголемување на платите преку помош за плаќање на придонесите. Има четири илјади нови вработувања. Новите вработувања акумулираат пари во пензискиот и здравствениот фонд и од таму логично е и пензионерите да добијат покачување“, изјави Анѓушев.
Тој тврди дека ова не е предизборно покачување, туку е планирано однапред и е резулатат затоа што има пари од зголемениот број на вработувања.
„Овие мерки и политики се припремани однапред. Ние очекувавме редовни избори. Никој не планираше предвремени, па сега нешто сме се спремале. Напротив, но недобивањето на датум продуцираше побрзо тоа да се случи. Ние креиравме мерки за раст на плати и поддршка за да не одат младите, докторите…(….)….Мора да се покачат платите на докторите и медицинските сестри затоа што ќе останеме без нив. Тоа е таа инвестција во човечки капитал„ рече Анѓушев.
Како Влада мора да ги решаваме тековните проблеми, а ако ги прашате стопанствениците човечкиот кадар им е најголемиот проблем со кој се соочуваат и токму затоа создаваме услови за зголемување на платите, порача вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев.
„Мора да им помогнеме на компаниите да ги задржат луѓето. Затоа во фокус на Предлог буџетот за 2020 година ќе бидат инвестициите во човечки капитал. Зголемувањето на платите и пензиите не е предизборен поткуп, туку се заснова на растот на економските бројки во последните две години, рече Анѓушев.
Џ.Д.






