Најмалку 16 пријави, кривични или прекршочни со платни налози, ќе поднесе Пазарниот инспекторат против угостителски објекти во Скопје, Тетово и во Струмица, откако при инспекциите во изминатата ноќ се утврдени прекршувања на протоколите и мерките за заштита од Ковид-19, како и пречекорување на работното време, изјави за МИА директорт на пазарниот инспекторат Стојко Пауновски.
И покрај забраната за организирање затекнати се свадбени церемонии во седум објекти, направени се записници и во наредните три дена ќе бидат преземени мерки за проднесување кривични пријави. Конкретно, казнети ќе бидат ресторан во Струга за организирање две свадби и на долниот и на горниот кат, еден од Струмица, а ќе има санкции и за две свадби во угостителски објекти затекнати во Тетово и за четири во Скопје.
Пауновски меѓу примерите за непочитување на мерките раскажа дека и покрај тоа што инспекторите синоќа во скопски локал го предупредиле газдата дека треба да ги размести масите и тој пред нив го направил тоа, откако тие си заминале таму повторно имало по седум осум лица на маса. Ја известиле и полицијата која потоа интервенирала, а против локалот ќе има кривична пријава. Кривична пријава, најави Пауновски, повторно ќе заработи и дискотека во Струмица, каде синоќа исто така имало забава и е направен записник.
Дваесет инспекциски екипи вчера вршеле контроли низ целата држава и како што вели Пауновски, некаде се почитуваат протоколите, некаде има мали отстапувања и тие случаи поминуваат и со опомени./МИА/