Се појавија делови од видеото што одеше во живо, а кое потоа беше повлечено од Драгана Влековска, каде се слуша како Велковска советничката во Град Скопје избрана од редовите на Левица, ги навредува инспекторите кои и пишале казна за непрописно паркирање.
Како што информиравме и претходно, во петокот на бул. Климент Охридски инспекторите на Град Скопје казнуваа непрописно паркирани возила на тротоарот зад Соборниот Храм.
„На тротоарот непосредно до угостителскиот објект „Веган Кујна“ беа затекнати две возила, а сопствениците излегоа од објектот, одбија да се легитимираат и ги однесоа своите возила. Повикана беше и полицијата, откако инспекторите почнаа да добиваат закани за роднински врски со членови на Советот на Град Скопје. Подоцна на местото пристигна и советничката Драгана Велковска која продолжи со заканите и навредите кон инспекторите, неовластено ги снимаше и пренесуваше во живо на социјалните мрежи.“, велат од Инспекторатот на Град Скопје.
Велковска обвинува дека Инспекторат на Град Скопје е жив доказ за апсолутната и ненормална партизираност на институциите.
Моите родители денес, пишува Велковска, беа вознемирувани од неидентификувано лице кое се претставуваше дека е инспектор во Град Скопје и кратко подоцна се појавува комплетно извртен приказ на настанот – дека инспекторите се тие кои добивале закани од ФУНКЦИОНЕР.
„Службеници платени со јавни пари се инструментализираат од партија која е на власт за да вршат политички притисок. За тоа се трошат нашите пари – за да се замолчат тие што ги обелоденуваат неетичките и незаконските одлуки на власта. Тоа што ми се случи денес не е ништо повеќе од патетичен обид за заплашување од политичари кои очајнички се обидуваат да ја задржат моќта. “, напиша на ФБ советничката во Град Скопје избрана од редовите на Левица, Драгана Велковска.
Од Инспекторатот на Град Скопје велат дека немаат намера да прават компромиси со узурпацијата на јавните простори со возила, без разлика дали се работи за функционери од било која политичка партија. Како и во многубројните досегашни акции за непрописно паркирани возила на велосипедските патеки и тротоарите на овој булевар, и во овој случај сите затекнати возила добија казна во висина од 50 евра, велат од Инспекторатот.
Голема пајак акција истиот ден беше спроведена во многу општини во Скопје, но други испади и инциденти не се евидентирани. Репортерот на „Фронтлајн“ ја забележа акцијатата во општина Аеродром на улица Симеон Кавракиров, каде со 4 пајак возила на неколку наврати беа отстранети сите возила кои узурпираа тротоари и беа непрописно паркирани на коловозот од потегот на Транспортен центар према О.У. Блаже Конески.
Во текот на изминатата недела, како што информираа од Град Скопје, со специјалните возила пајак се отстранети вкупно 305 возила од јавните површини во Скопје.
Ј. Ѓ.