Во духот на скромните чествувања, во овие тешки времиња, кога целото општество се соочува со пандемијата на „Ковид-19„ ЈОУ Градска библиотека „Борка Талески“-Прилеп, одлучи со поклон и цвеќе пред паметниците на втемелувачите на македонската писменост, книжевност, култура и јазик, да го одбележи јубилејот 75 години успешно постоење и функционирање, истакнуваат од Градската библиотека.
Директорката на библиотеката Моника Талеска вели дека дел од активностите кои што се предвидени, за овој јубилеј, ќе бидат пролонгирани следната година, кога условите ќе бидат погодни за тоа, а почитувачите на културата и нашата работа безбедни да ги следат и уживаат во содржините.
Потврдата за почетоците на работата на библиотеката се наоѓа во писмото што на 22 октомври 1945 година, тогашниот управител на библиотеката Димче Најчески, го испратил до Околискиот просветен одбор.
„Другари, после ослободувањето на нашиот град, беше отворено Градско народно читалиште, на иницијатива на неколку другари. Се собра извесен број книги и читалиштето почна редовно да работи. Управата на градската библиотека и читалиште ‘Борка Талески’ наскоро ќе преземе акција за собирање доброволен прилог и книги…“
Оваа е првата народна библиотека, по некогашното народно читалиште „Надежда“, кое функционирало од 1867 година.
Во 1933 година трговското здружение формирало своја библиотека и читална. Формирана била и Трезвена ложа со читална. За време на Втората светска војна, бугарските власти настојувале да го обноват читалиштето „Надежда“ за да ја шират пропагандата меѓу македонскиот народ. На Собранието за обнова, Борка Талески предложил читалиштето да се вика „Гоце Делчев“. Затоа градската библиотека денес го носи неговото име.
Ј. Ѓ.