Мерните станици во земјава покажуваат дека утринава воздухот е најзагаден кај Ректоратот при УКИМ, а веднаш после него се Тетово и Куманово, па следи скопската општина Гази Баба, потоа Ѓорче Петров и Центар. Количеството на пм10 честички измерени кај Ректоратот изнесува 61 микрограми на метар кубен, а потоа следува тетото со загаденост од 49 μg/m3, пренесе ТВ24.
Инаку, група на невладини организации се закануваат со граѓанска непослушност и неизлегување на избори ако не се земаат во предвид нивните барања за решавање на проблемот со загадениот воздух. Нивната денешна средба со претседателот Стево Пендаровски ја оценија како последна врата на која тропаат за да барат институционална помош, најавувајќи дека масовните излегувања по улици ќе биде другата алтернатива, преку која ќе бараат решавање на проблемот.
Пендаровски ги прими во текот на вчерашниот ден. Пред претставниците на граѓанските организации и иницијативи посочил на потребата од меѓусебна координација и целосна вклученост на сите надлежни органи. Исто така изразил подготвеност да ги поддржи сите граѓански иницијативи што се во функција на надминување на овој проблем и да помогне во нивната комуникација со надлежните институции.
Во таа насока, претседателот Пендаровски најавил дека заштитата на животната средина првпат ќе биде ставена како точка на дневен ред на идната седница на Советот за безбедност што ќе се одржи кон средината на декември 2019 година и на која ќе бидат поканети претставници на граѓанските организации.