пишува: ПЕТРИТ САРАЧИНИ
За жал, општествената „поларизација“ не само кај нас, туку и во светот, не е судир за избор помеѓу два-три или повеќе различни концепти или пристапи за подобра иднина, туку сè повеќе се сведува на борба на доброто и злото, односно вечната борба на човештвото – само со себе и со исконскиот нагон на самоуништување. При тоа, драги мои пријател(к)и, самата „поларизација“ е врвната и главна алатка преку која човештовото се води кон таа автодеструкција!
Овојпат, таа борба се одвива во сосем нови околности и време. Битката се бие во маглата создадена од новите дигитални начини на комуникација, кои од секој човек направија масовен медиум, во време на лагите препакувани како „алтернативни факти“, на масовните дезинформации, жестоката политичка пропаганда, популистичкото лудило, исмевањето и деградирањето на науката и знаењето, експлозија на лудачки теории и тези, создавање на омилени „непријатели на народот“…
Битката е за секоја тема, во секоја област, во секоја земја и на секој континент на земјината топка. Денес, дали на дискусија во маало на клупа, во кафеана или на Фејсбук, мора да изберете: меѓу Трамп и Бајден, Америка и Русија, СДСМ и ВМРО, христијанството или исламот, дали верувате или не во корона, за или против 5г, вакцините, дали сте за или против носење маска…
Во таа битка, иако навидум тешко поради разните пропагандистички трикови за замаглување на вистината и реалноста, сепак има начини, како да ги препознаете „страните“.
Обрнете внимание пред сè на вредностите, јазикот и содржината на секој став. Недостатокот на хумани вредности, знаење, аргументи и решенија во јавната комуникација најчесто се манифестира, односно надоместува со зголемено присуство на вербална агресија, пцости, навреди, глупави досетки, менување на тези, правење на несоодветни споредби, ад хоминем напади…Тоа е прва и најважна индиција за каков човек се работи и на „чија страна“ е.
Во секоја дискусија, без оглед на темата, лесно ќе ги препознаете оние што имаат став за или против нешто, но сакаат решение и подобра иднина, и оние што се во дискусијата само колку да плукаат, да се себепромовираат, да го јавнат популарниот бран или став и да бидат „на сигурно“ – дел од линч толпата која прво п(л)ука, а потоа прашува и размислува.
Нема драги мои никаква „поларизација“ кај нас. Нема „две страни“. За жал, далеку сме и од тоа, да биеме жестоки дискусии меѓу различни опции, и да избираме од добро подобро и најдобро. Ние сме во друга битка – сами со себе, меѓу нормалноста и лудилото, меѓу доброто и злото.
Злото е деновиве прилично активирано и гласно, и кај нас, а богами и во светот. Да видиме како ќе одговори доброто.
#MidnightExpress
#LiveFromTheCrystalBall
#SledeTene
Текстот е личен став на авторот