На социјалните мрежи се споделува фотографија од наводна полициска управа пред која се истакнати фашистичкото знаме на Германија и Бугарското знаме. Дека фотографијата е најверојатно од некоја сцена од снимање на филм, а не веродостојна фотографија од Втората светска војна, наведуваат неколку факти.
На објектот каде се истакнати знамињата може да се забележи надворешниот дел од клима уред, а пред влезот од објектот е поставен и сообраќаен чун. Оние што ја пуштиле во „промет“ на социјалните мрежи оваа фотографија невешто се обиделе да го скријат клима уредот
На оригиналната фотографија најверојатно фотографирана за време на снимање на филм, очигледно се забележува надворешниот дел од клима уредот
Новинарот Ѕвездан Георгиевски посочува токму на овие очити факти и наведува дека со ваква лажни наводи тие што ја постираат оваа фотографија го прават спротивното од она што им е намерата, односно прават голема штета.
„Гледам по ФБ и по Твитер се шири една фотографија, наводно од некаква полициска управа од времето на бугарската окупација. Ги замолувам сите што ја објавиле да си ја избришат, бидејќи со вакви фејкови го прават спротивното од она што им е намера, односно прават (по)голема штета. Ќе го забележите еркондишнот на оригиналната фотка (мислам дека е од снимнање на некој филм, на пример „Трето полувреме“). Некој ја кропирал, ама и на кропираната се гледа дел од еркондишнот, башка чудните детали, како она чунчето среде врата.“, објави на Фејсбук Ѕвездан Георгиевски.
Ј. Ѓ.