Актуелната советничка на ВМРО-ДПМНЕ во Општина Битола Анита Ангелевска побара вонреден партиски конгрес и обвини дека партијата на чело со Христијан Мицкоски нема капацитет, а од битолскиот Општински комитет (ОК), пак, веднаш реагираа и ја разрешија од сите партиски функции, пренесе 360 степени.
„Вонреден конгрес, мобилизирање на партиската структура, сојузништво со граѓаните, застапување и искрена борба за нивните интереси. Единствено тоа ВМРО-ДПМНЕ ќе го врати на победничката патека“, изјави Ангелевска.
ВМРО-ДПМНЕ, порачува таа, мора да излезе од фазата на губитник и од партија која нема фокус, а по најново и од партија која бојкотира избори, алудирајќи на одлуката да не се учествува на предвремените избори за градоначалник во Штип и Пласница.
„Најмногу загрижува фактот што ВМРО-ДПМНЕ со сегашниот претседател Мицкоски не може и нема капацитет да биде алтернатива за надминување на очајната и безизлезна состојба во државата. Секој одминат ден без вонреден конгрес ја ослабува партијата, а слабо и дефокусирано ВМРО-ДПМНЕ е само на штета на Македонија и на нејзините граѓани“, вели битолската советничка.
Таа порачува и дека партијата треба да се подготви за локалните избори кои треба да се одржат во октомври наредната година, а патот за да излезе како победник на нив е да се направат промени преку вонреден конгрес.
Извор: 360 степени