Младите музичари, шеснаесетгодишните Михаил Јагуриноски – MACRØ и Мартин Трајкоски – MART1N, од Прилеп, се најновиот музички здив на прилепската музичка сцена. Тие често заедно, но и како солисти, а и со други групи, во овие времиња на рестрикции за движење, забрани за јавни настапи и препораки за физичка дистанца, сепак успеваат и си го наоѓаат патот до публиката преку интернет каналите. Во реализацијата на нивната креативна жед, не можат да ги спречат ни тешките услови во кои што творат, затоа што, како што може да се забележи и од нивната музика, поривот да се биде креативен е посилен од сите препреки.
ФРОНТЛАЈН разговараше со Мартин и Михаил за нивниот најнов сингл, за првиот албум, за музичкиот пат што сакаат да го минат, за очекувањата и условите во кои работат младите музичари.
Мартин, е шеснаесетгодишен рапер кој учи во СОУ „Ристе Ристески – Ричко“ во Прилеп, како графички техничар.
Михаил, е ученик во средното Државно музичко училиште во Битола, отсек клавир-инструменталец.
Она што ги спојува и двајцата е музиката и сонот да се остави белег и да се успее.
Последното што излезе (пред две недели) како оригинално нивна заедничка песна е многу интересен микс од жанрови со сугестивен наслов – „Notice“. Тоа е навистина мало ремек дело, забележително како што сугерира и насловот и секако нема да го одмине вниманието на одбирливата публика.
Овој сингл е нешто сосема поинакво од она што сме слушнале од вас досега. Како се случи „Notice“?
Михаил: Идеjата дојде од страна на Мартин. Ја напишавме песната во еден здив за еден ден. Текстот е заеднички напишан, како што се и сите други текстови на сите други наши заеднички песни. Ја снимивме и ја објавивме на Јутјуб и на Сундклауд. Тешко е да се определи одреден жанр, ама ако треба тоа е смеса на поп-панк-рок и рап.
Мартин: Тоа мене ми беше прва панк-рок-рап песна и мислам дека ни е најдобрата песна што сме ја направиле до сега заедно со Михаил.
За шеснаесетгодишните Мартин и Михаил, музиката е повеќе од страст. Како што може да се види и од видео интрото на нивниот албум „We’re not perfect,but we’ll always be real“, тие од нивна најрана возраст имаат учествувано на различни манифестации и музички настани.
Мартин вели дека со музиката е од неговата осма година и додава дека ужива во правењето на своја музика.
Михаил свири гитара 11 години и клавир 9 години. Клавирот ми е идна професија, а гитарата ми е хоби, вели Михаил.
Има ли сцена за вашата музика, добивате ли некаква помош?
Мартин: Сцена за ваква музика како што правиме јас и Михаил може да има. Но, кај нас пари, жени, криминал стилот, за жал… И сите го сакаат тој стил – сите прават во тој стил, само на подруг начин. Токму затоа пробуваме да си го прошириме нашето име да стаса малку подалеку од нашата околина. Младите во Прилеп пробуваат некако, но гледам дека на некој му успева на некој не. Јас добив прилика да работам со Хари Ристески кој што ми помогна со „ mix i mastering“ на некои песни. Се другото сум го правел јас и не сакам да барам помош од други затоа што сакам сам да го научам тоа. Засега јас и Михаил направивме доста песни но и албум и мини албум (еп). Албумот „We’re not perfect,but we’ll always be real“ излезе многу брзо од очекуваното, но не толку професионално. Беше избрзан, но сепак мене и на Михаил ни се допадна многу. Го напишавме за една 1 недела. Интересен факт е тоа што го напишавме во напуштена кука во населба Точила во Прилеп. За „Undercover Diamonds“ (малиот албум), кој содржи преработки од доста популарни песни, пробавме да го покриеме со неколку жанрови на музика. Најомилен ковер од мини албумот, мене ми е ми е „I Fall Apart“ од Post Malone.
Михаил вели дека вежбаат во услови како што било и пред 20 години – во гаража и додава деја не добиваат никаква помош.
Михаил: Со Мартин работиме 6 месеци заедно. Имаме објавено еден заеднички албум „We’re not perfect,but we’ll always be real“, едно еп „Undercover Diamonds“ со преработки на песни кои ни се допаѓаат и две сингле песни „Insecure“ и „Notice“. Се од набројаното е објавено на платформите Јутјуб и Саундклауд. Пишуваме на англиски јазик. Имаме пробано на македонски,но не звучеше како што сакавме да звучи. Во Македонија, посебно во Скопје можеби има некаква сцена за млади музичари, ама во Прилеп, скоро и да ја немаме. За жал, ретки се местата во кои младите музичари можат да настапат. Вежбаме во истите услови во кои вежбал и татко ми пред 20 години. Во гаража. Буквално. Колку што знам јас, никој не добива помош. Би било убаво доколку Општина Прилеп ни обезбеди некои места за проби. И за жал, мораме да почекаме да заврши коронава, за да почнеме со живи настапи, бидејќи музичар без жив настап, е како риба на суво.
Како влијае новонастанатата ситуација со пандемијата на вас како млади музичари, се одразува ли тоа на вас и вашата музика?
Михаил: Во услови на короната поради задолжителната социјална дистанца, останува повеќе време за творење.Проблемот со короната е тоа што не можеме да имаме живи настапи. Јас лично, во време на корона имав само еден настап со „The Schmucks“.
Мартин додава дека во вакви услови социјалните мрежи им се единствениот начин преку кој ја пласираат нивната музика
Мартин: За време на пандемијата сме ограничени со работите што можеме да ги правиме и е многу потешко да си го прошириш името како артист. Ако ја немаше коронава, досега ќе имавме и настапи по кафичи во Прилеп и хуманитарни настапи. Засега социјалните мрежи ни се единствениот начин да го прошириме нашето име и да се случне нашата музика.
Кои се вашите желби, каде се гледате во иднина?
Мартин: Сакам да работам многу. Мора да работите на вашите соништа, да се има замисла и желба за што ќе бидеш во животот и нормално упорната работа и мотивацијата, се главните работи за мене. За шест месеци направив преку 40 песни. Направив и спот на мојата прва песна „Sideline Story“. Во работа е и мојот прв соло албум по име „Complicated“, и сум спремен да го пуштам во најскоро време. Планови за биска иднина е заедно со Михаил да настапиме во прилепските кафичи и на некој поголем хуманитарен концерт.
Михаил: Досега сè што сме работеле сме работеле спонтано. Ова ми е хоби и немам некои посебни планови за блиска иднина. Сè зависи од инспирацијата. Инаку, јас сум пејач и водечки гитарист во рок ен рол бендот „The Schmucks“. Во бендот сум околу 5 месеци. Свириме рок ен рол преработки. Во иднина, планираме и авторска музика.
Јане Ѓорѓиоски