Бугарија и официјално рече НЕ за одржување на меѓувладина конференција на ЕУ со С. Македонија. Европски функционер, дипломати, интелектуалци и историчари не останаа неми на ветото од официјална Софија. Реакциите од европската јавност после вчерашната блокада на патот на С. Македонија кон Европската унија, одат во еден правец – кон нашиот источен сосед.
Министерката за надворешни работи Екатерина Захариева, пак, по министерскиот состанок на прес-конференција ладно изјави дека Бугарија во оваа фаза не може да ја поддржи преговарачката рамка со С Македонија, затоа што предложениот нацрт не ги одразува бугарските барања и не може да биде поддржан во сегашната форма.
– Настојувавме во преговарачката рамка да влезат три основни услови. Прво е придржување до формулата за јазикот од 1999 која потоа беше потврдена со договорот од 2017 година. Мапа за исполнување на Договорот од 2017 година и многу јасен и изричен текст дека нема да се поддржуваат претензии за македонско малцинство во Бугарија. Се уште овие услови не се вклучени во преговарачката рамка“, рече Захариева.
Од друга страна ставот на Европската комисија е дека се наоѓаат во крајната фаза од постигнување на договор за преговарачките рамки и старт на преговорите со Македонија и Албанија. Комисијата уште еднаш повтори дека таа сака тоа да се случи што е можно побрзо.
Потпретседателот на Европската Комисија, Марош Шефчович, исто така потврди дека ЕУ не се откажува од решение до крајот на оваа година.
– Чувствуваме дека сме во последната линија за двете преговарачки рамки (со Албанија и Северна Македонија – н.з.) и ставање на процесите на цврста база, важно е да се удвојат напорите за решавање на споровите и да се изнајде договор за преговарачките рамки, сакаме одржување на првата Меѓувладина конференција што е можно побргу, рече Шефчович.
Европскиот парламент е незадоволен од блокадата за Северна Македонија.
Европскиот Парламент смета дека вчерашната блокада од Бугарија за старт на преговори со Северна Македонија го попречува помирувањето во целиот регион, јави дописничката на МИА од Брисел.
Илхан Ќучук, известувачот за Северна Македонија и Андреас Шнајдер, претседател на делегацијата на Европскиот парламент за Северна Македонија во заедничко соопштение побараа да се донесе одлука за почеток на преговорите без дополнително одлагање.
– Неуспехот на министрите за европски прашања да ја одобрат преговарачката рамка за Северна Македонија, одложувајќи ги преговорите за членство во ЕУ го загрозува кредибилитетот на ЕУ во Западниот Балкан, сметаат европратениците преку официјално соопштение на Европскиот Парламент. Тие бараат да се даде приоритет на европско решение наместо на унилатерални интереси на земји членки.
Не стивнуваат разочарувањата и осудите за таквиот потег на Софија од бројни европски функционер, политичари, интелектуалци и историчари
Кој ќе го сопре бугарскиот мобинг врз Северна Македонија?, прашува Гудрун Штајнакер – поранешна заменик германска амбасадорка во Бугарија.
– Барањата на Бугарија кон Северна Македонија се дрзок, ненаучен, нереален и лесно проѕирен внатрешнополитички мотивиран потег. Берлин мора да го притисне својот „пријател“ во Софија, пишува Гудрун Штајнакер – поранешен заменик германската амбасадорка во Бугарија од 2006 до 2009 и амбасадорка на Германија во Македонија од 2011 до 2014, пренесува Дојче веле.
Европратеничката од Словенија, Тања Фајон, вчера за МИА изјави дека земјите членки на ЕУ не смеат повеќе да го одлагаат отворањето на преговорите за членство со Северна Македонија и ги повика да ја преземат својата одговорност.
– Сите носиме одговорност и Северна Македонија ја исполни својата работа, секое дополнително одлагање ќе им наштети пред сѐ на нејзините граѓани посебно во овие времиња на пандемија кога економскиот и социјалниот развој и се многу потребни на земјата, додаде Фајон, јави дописничката на МИА од Брисел.
Лидерот на српската опозиција, бугарското вето го нарече скандалозно и нагласи дека тоа може да има последици по европската интеграција на целиот регион.
Претседателот на српската опозициска Народна партија (НС), Вук Јеремиќ, изјави дека бугарското вето на патот на Северна Македонија кон ЕУ е „скандалозно“ и дека тоа може да има последици по европската интеграција на целиот регион и ја повика ЕУ да го поддржи јужниот сосед на Србија во тој процес.
Голем број на познати историчари од земјите од регионот упатиле протест против злоупотребата на историјата во процесот на евроинтеграција на Северна Македонија.
Претседателот на Здружението за модерна историја Сараево, професорот по историја на Филозофскиот факултет при Универзитет во Сараево, Хуснија Камберовиќ, денеска изјави дека потписниците на протестот изразуваат осуда за овој случај на историски ревизионизам и злоупотреба на историјата за политички цели.
– Ние цениме дека ваквиот пристап е опасен не само за историјата како хуманистичка дисциплина, туку и за демократијата и просперитетот на регионот, но исто така и за самата Европска унија. Наметнувањето на „историските вистини“ е неприфатливо и опасно. Создавањето на македонската нација не се разликува од начинот на кој настанаа сите други нации, а правото на самоопределување е основно човеково право, рече Камберовиќ. Потписниците најавуваат дека протестот ќе биде испратен до Брисел и на други адреси.
И поранешниот амбасадор на ЕУ во Скопје Ерван Фуере оцени дека тактиката што во моментов ја користи Владата на Бугарија кон нас е прилично неразумна и контрапродуктивна и може да има сериозни последици, не само за односите меѓу двете земји, туку и за целиот регион, и за политиката на проширување на Европската унија.
– Бугарија го користи своето членство во ЕУ за да наметне сопствено толкување на историјата, како и да инсистира на тоа дека нејзината верзија мора да биде прифатена од други земји пред да започнат пристапните преговори. И тоа е контрапродуктивно бидејќи ја поткопува политиката на проширување на ЕУ и оди целосно спротивно на принципите врз кои се базира европската интеграција и со кои Бугарија се согласи кога стана членка на ЕУ во 2007 година, истакнува Фуере. во интервју за Бугарското национално радио.
Со блокадата не се согласувааат и политичари и интелектуалци од Бугарија.
Весела Чернева, заменик-директор на Европскиот совет за надворешна политика (ECFR) и директор на софиската канцеларија на организацијата во интервју за бугарски „Капитал“, истакнува дека заради Северна Македонија, Бугарија останува сама и неразбрана во ЕУ.
– Блокирањето на која било земја кандидат за во ЕУ не се прави врз основа на историјата и идентитетот, туку врз основа на достигнувањата, како што е примената на европкското законодавство и достигнувањето на европските стандарди. Бугарија ја внесува историјата во процесот на проширување, што би го направило практично невозможно или многу тешко за останатите балкански земји да напредуваат, изјавува Весела Чернева.
Ивајло Дичев, професор по културна антропологија на Универзитетот во Софија во својата анализа, посочува дека апсурдното вето што го подготвува Софија за Северна Македонија на патот кон ЕУ зборува за нивните сопствени комплекси и додава дека на ова вето се радуваат Русите, кои ќе можат да делат и да владеат, и Кинезите, кои ќе можат слободно да инвестираат.
– Ние веројатно сме несигурни во врска со нашиот идентитет, затоа сакаме да им го триеме носот на Македонците за да покажеме колку сме големи. Некои земји од ЕУ кои се против проширувањето со задоволство ќе се сокријат зад нашето вето. Се радуваат и Русите, кои ќе можат да делат и да владеат, и Кинезите, кои ќе можат слободно да инвестираат, Србите, кои утре ќе ја интегрираат Северна Македонија наместо нас. Зошто бараме повод да ја направиме оваа кобна грешка да ја запреме Северна Македонија, а патем и Албанија на патот кон ЕУ, прашува Дичев и порачува дека нациите успеваат кога гледаат напред, а не на она што неповратно го изгубиле.
И Стејт департментот не остана нем на блокадата од Бугарија кон Македонија.
САД ги повикуваат Софија и Скопје да ги решат постоечките билатерални спорови надвор од пристапниот процес за да се постигне заедничката цел – членство на Северна Македонија во ЕУ, изјавија денеска за МИА од прес-службата на Стејт департментот.
-Ја поздравуваме добрата волја за преговори. Ги повикуваме Бугарија и Северна Македонија да ги решат постоечките билатерални прашања надвор од пристапниот процес за да се постигне заедничката цел – членство на Северна Македонија во ЕУ, велат од Стејт департментот.
Одлуката на Софија да блокира, од нашата Влада беше оценето како неуспех за политиката на ЕУ за проширувањето, лоша порака за целиот регион и пораз за фундаменталните европски вредности и принципи. Оценуваат дека одлуката на Бугарија не е во духот на добрососедството и Договоерот за пријателството, но најавуваат дека разговорите продолжуваат до изнаоѓање вин – вин решение во интерес на нашата европска иднина и во рамки на позициите што ги има и ги прокламира државата.
Премиерот Заев во вчерашното гостување на ТВ 21 истакна дека треба да продолжиме со дијалог, а не низ конфликти, да дојдеме до решение.
– Во вакви ситуации е многу лесно да се удираме во гради, но нашата намера е да бидеме рационални и да ги придвижиме работите според очекувањето на нашиот народ, а тоа е да чекориме и понатаму кон ЕУ, порача Заев.
Германското претседателство со Унијата и Европската Комисија, потврдија дека ЕУ не се откажуваат од решение до крајот на оваа година.
Германскиот министер за Европа и претседавач со министерскиот состанок на ЕУ, Михаил Рот, порача дека ЕУ не се откажува да помогне да се надмине спорот помеѓу Скопје и Софија и до крајот на оваа година да се усвои преговарачката рамка,
– Минатата недела претседателството се обиде да ги приближи позициите, но не успеавме да ги убедиме да се согласат со преговарачката рамка. Во наредните денови или недели сигурно ќе се обидеме да го испратиме овој важен сигнал до Западниот Балкан, тоа ќе зависи од волјата на двете страни да се усогласат, не е се само во наши раце, рече Рот.
Неразбирлив е и молкот на бугарскиот претседател Бојко Борисов. Тој не се појави ни пред бугарскиот парламен за да ја објасни натамошната политика на Бугарија кон Македонија, Денеска со повеќе срамежлива полуофицијална изјава се јави од својот Фејсбук профил.
– Бугарија силно ја поддржа Република Северна Македонија за влез во НАТО. Отсекогаш сме биле исклучително добронамерни и јасно кажавме до каде може да одат нашите компромиси. Формиравме и заедничка историска комисја, во која експертите требаше да ги решаваат спорните прашања само со аргументи. Со вицепремиерите Захариева и Каракачанов одржавме десетици средби во потрага по решенија. Дадовме се од себе да не бидеме државата која ќе каже „не“ на стартот на преговорите со Република Северна Македонија, наведува Борисов во објавата.
Кои се очекувањата?
Ќе смогне ли демократска Европа сили еднаш конечно и недвосмислено да стави крај на самоволието на една нејзина членка, која својата позиција и можност за вето, ја злоупотребува и со тоа го нарушува пред сè моралниот и етички кредибилитет на Европската унија?
Ударот што сега и го нанесува Бугарија на Македонија, не е само индивидуален и не е само ветото за отворање на преговарачката рамка, тоа е едновремено и искушение и удар врз демократскиот капацитет на институциите на Европската унија.
Дали ЕУ и европските лидери ќе успеат да се справат со вакви бесмислени попречувања од една нивна членка, која од позиција на сила лечи историски фрустрации врз грбот на својот суверен сосед, останува да видиме?
Јане Ѓорѓиоски