Премиерот Зоран Заев вели дека бугарскиот вицепремиер и министер за одбрана Красимир Каракачанов ја сака Македонија, но на погрешен начин, во интервју за„Дојче Веле“. По вчерашното вето од Бугарија за почеток на преговорите со ЕУ, Заев вели дека бугарскиот премиер Бојко Борисов е против блокада на Македонија, исто како што е, според Заев, огромно мнозинство од бугарскиот народ. За Каракачанов, кој е коалициски партнер на Борисов, но и најгласен во бугарската влада во негирањето на македонскиот идентитет и македонскиот јазик, Заев вели дека му има кажано: „аман брату, немој толку да нè сакаш“.
„Тврдам дека огромно мнозинство од бугарскиот народ е против блокада и пречки за македонскиот народ на патот кон ЕУ. Тврдам исто така дека и Борисов е против, затоа што тој е отсјај на својот народ. Но секако, тој има и коалициски партнери. Јас често го слушам мојот добар пријател Каракачанов. И тврдам дека тој ја сака Македонија, но некојпат на погрешен начин ја сака Македонија. Му го имам тоа и нему кажано. Тоа е како што велат ‘аман брату, немој толку да нè сакаш’. Значи тој ја сака Македонија, но на погрешен начин. Треба да продолжи да ја сака, но и да покаже дека тоа што нему му тежи и му е проблем, како што вели: Блгарски Македонец; тоа се решава“, вели Заев.







