Пред три години беше промовирана книгата „Гуш и Бац“, во која се содржани зборовите на Ерато Кардула кои се преведени на 19 јазици и илустрирани од 33 креативни луѓе. Изложбата беше одржана во 2017 година, еден ден пред одбележувањето на Меѓународниот ден на лицата со попреченост во Чифте Амам, во Старата скопска чаршија.
Авторот на проектот таткото на Ерато, уметникот Зоран Кардула, денес за ФРОНТЛАЈН вели дека „Гуш и Бац“ не е само книга, туку цел проект со цел да се подигне свеста за постоењето на аутизмот како и негово прифаќање.
Што предизвика Гуш и Бац гледано од денешна перспектива?
ЗОРАН КАРДУЛА: Гуш и Бац не е само книга, тоа беше цел проект со цел да се подигне свеста за постоењето на аутизмот како и негово прифаќање. Со овој проект сакав да пристапам кон аутизмот од една друга страна кое е мое лично искуство како родител и со кое сакав да потенцирам дека таа состојба не е црно- бела. Секој кој се наоѓа во овој спектар е посебна приказна и затоа се вели дека ако сте виделе еден аутист тоа значи дека сте виделе само еден аутист. На Гуш и Бац сум посебно горд. Од денешна перспектива мислам дека ја постигна целта и дека многу луѓе се информираа за аутизмот. Верувам дека помогна и на многу родители во нивната борба во прифаќањето на состојбата на нивните деца. Нашето општество има уште многу работа кога се работи за дискриминацијата по било која основа. Инклузијата во сите сегменти на живеењето ги прави првите чекори и има уште многу работа. Се надевам дека свеста и прифаќањето на различните ќе расте. Едно со сигурност можам да кажам, а тоа е дека Ерато не направи подобри луѓе, изјави Кардула за Фронтлајн.
Средствата од продажбата на илустациите, беџовите и книгата, собрани за време на промоцијата и потоа, беа наменети за реедукација и работа со дефектолог и логопед на оние дечиња со аутизам кои не може да си го дозволат тоа.
„Ерато е многу интелигентна, таа добро се справува со компјутери, таблети и телефони. Сака музика, ТВ реклами, анимирани филмови, сака да оди на шопинг, со нетрпение ги чека гостите, го сака морето, ги сака децата на училиште. Нашата ќерка е слабо вербална, но секогаш успева да го добие она што го сака. Како одминуваа годините, така и таа создала свој јазик. Зборовите што ги користи се секогаш наменски, кога не можеме да разбереме нешто, тоа го црта или ни го покажува на компјутер. Така започнавме да ги разбираме нејзините зборови на почетокот “, посочува Кардула.
Објавувањето на Гуш и бац, предизвика огромно внимание не само кај домашната јавност туку и во регионот и пошироко.
Магазинот „Лола“ ќе напише: Еден татко ја подготви „Гуш и Бац“ – книга од 47 зборови кои ги говори неговата ќерка со аутизам.
Престижниот „Блиц“ вели – Ова не е обична книга, Ерато не е обично девојче. Отворено за „Блиц“ Како Македонец напиша книга од зборовите што ги изговара неговата аутистична ќерка.
Магазинот „Мрежа мира“ и „Друг агол“ – Додека ние велиме „бомбони“, за Ерато тие се „бибиви“, за неа е „сита“, а за нас „цедевита“, за нас се „Среќни празници“, за не а се „Сија Бисис“.
Self Divelop Shop ќе рече: Таткото уметник и подари на својата ќерка со аутизам најуникатен подарок што може да се замисли.
– Да го гледаме светот со очите на Ерато сигурно би бил подобро место за живеење – Честит Меѓународен ден на лицата со нетипичен развој! Гуш и Бац! #ADay4All порачува денеска Зоран Кардула.
Јазикот на Ерато е универзална љубов која не познава време и граници.
Или како што ќе каже Ерато: Кајн пм’п – Граници не постојат.
Јане Ѓорѓиоски