Мене не ми смета мојата пречка, туку ми сметаат пречките од околината. Ме нервира кога сум спречен да одам негде ако нема рампа или ако нема превоз за мене и родителите мораат да ме носат. До сега бев мал па родителите ми помагаа и ги отстрануваа пречките за мене. Но сакам да пораснам во човек кој ќе биде независен, порача 11-годишниот Јане Велковски, застапник за правата на децата со попреченост на панел дискусијата – „Да не изоставиме ниедно дете: за секое дете, сите права“ рече Велковски, на собирот на високо ниво во Генералното собрание на Обединетите нации, пренесе МИА.
Како што информира денеска Канцеларијата на УНИЦЕФ во Скопје, тој на собирот што се одржа во рамки на “Триесет години од усвојувањето на Конвенцијата за правата на детето и одбележување на Светскиот ден на детето“ што се одржа на 20 ноември 2019 во седиштето на Обединетите нации рече дека децата како него сигурно исто се чувствуваат, порачувајќи им да бидат упорни и никогаш да не се откажуваат од својот сон.
–Треба да ги рушат бариерите каде што ги има, а да прават добри работи каде што ги нема. А на возрасните сакам да им порачам- треба да направите се за правата на децата, и отстранете ги сите бариери. Да нема дискриминација!“, рече малиот Велковски.