ЕВРОТИНК – Центар за европски стратегии и Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, во рамките на проектот „Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност – Критинк “, кој се реализира со поддршка од Европската Унија, спроведоа истражување „Пандемија или инфодемија? Критичкото мислење и теориите на заговор во време на пандемија”.
Целото истражување може да го прочитате во е-библиотеката на „Критинк“ преку следниот линк.
Истражувањето прв пат беше претставено пред јавноста на 29 октомври 2020 г. на јавен онлајн-настан во рамките на Деновите на медиумската писменост (видео).
Истражувањето дава придонес кон корпусот знаење што го имаме како општество за феноменот на дезинформациите и лажните вести и за тоа како нашите вештини за критичко мислење можат да придонесат за зголемена отпорност на нашето општество кон пропагандите од секаков вид. Истражувањето покажува дека теориите на заговор и алтернативните наративи околу пандемијата се широко распространети како последица на структурни фактори. Затоа потребно е критичко просмислување на традиционалните алатки за борба против алтернативните наративи. Исто така, потребно е отворање општествен дијалог, во кој сите страни ќе имаат шанса да преиспитаат дел од своите вредности, перцепции и размисли. Културата на критичко мислење се гради во конструктивна атмосфера, во која преиспитувањето на сопствените ставови е подигнато на ниво на општествена вредност. Само таа култура може да придонесе за деполаризација на општеството.