пишува: ЏАБИР ДЕРАЛА
Дали пожарникарот е должен да гаси пожари само од 8 наутро до 4 навечер (или како им се веќе смените на овие невидливи херои на денешницата)? Дали пожарникарот по завршувањето на својата смена може да биде, да речеме, пироман? Одговорот на ова прашање се наметнува самиот по себе. Истата аналогија може да се направи и со оние што облекле војничка униформа и се заколнале дека ќе ги чуваат мирот и безбедноста на државата. Можат ли тие во работно време да бидат војници и офицери во армијата на својата земја, а по завршувањето на смената, да бидат нешто сосема друго, да речеме, политичари?
Не постои конкретна законска забрана за пожарникарот или воениот старешина да бидат нешто друго по завршувањето на нивното работно време. Се разбира, подметнувањето пожари е забрането, но уживањето во огнот не е. Исто како што е забрането да се подриваат темелите на државата, но не е забрането да се има политичко убедување, па нека е тоа насочено и против интересите на државата која војникот ја брани во работното време.
Драган Ковачки е еден таков „пожарникар“. Тој е школуван во две држави-членки на НАТО, на Високата воена школа во Хрватска и на Кралскиот колеџ во Велика Британија, се разбира, во униформа платена од нас, со школарина платена од нас и со плата од граѓанките и граѓаните. Но, тоа не му пречи да биде воено лице само за време на својата смена на работа, а потоа да се „опушта“ со разуздана политичка кампања, со изјави против владата на својата држава, па и против своите директни работодавачи – Министерката за одбрана и Премиерот, на пример.
Како напредувал во својата кариера е посебно прашање. Неговиот политички, а нема да зачуди и ако не е само политички, „ангажман“ му донесе и разрешување од позицијата Командант на Првата механизирана бригада. Претседателот Пендаровски, на самиот почеток од својот мандат, го поништи указот што го потпишал претходниот „потстанар“ на функцијата претседател на државата, кој со унапредувања по партиска директива се расфрлаше како со визит-карти.
Своевремено, Антикорупциска утврди дека Ковачки бил унапреден за време на изборен процес (февруари 2019 година), по што доби „нога“ од Претседателот. Познавачите на воената материја зборуваат и за низа други „интересни маневри“ на Ѓорге Иванов во доменот на одбраната и државната безбедност, но за тоа веројатно ќе се произнесуваат и други видови институции, некогаш, кога ќе се департизираат целосно…
Пргавиот началник за воено разузнавање (своевремено) секогаш се дочекува на нозе, имајќи голема партиска машинерија зад себе. Тој е војник, но партиски. Во „слободното време“, интензивно се занимава со политика. Своето партиско членство и активни политички „борбени акции“ кои своевремено му донесоа скокови во војничката кариера, а последниве три години ги употребува за напредување во политичката кариера. Така, сега зборуваме за активен полковник во нашата армија и висок партиски функционер на ВМРО-ДПМНЕ (член на Извршен комитет на партијата). Истовремено!
Тој се „прослави“ со тоа што беше прв избор на Мицкоски за Министер за внатрешни работи во техничката влада која се формира на почетокот на јануари 2020 година, време кога Мицкоски беше поблиску до позиции на власта од било кога во животот. Кутриот Наќе, тој беше втор, а можеби и трет избор, но покажа и докажа дека требало да биде прв, но за тоа можеби друг пат, во козерија…
Ковачки не се занимава со политика само во „слободното време“. Најлесно е да се утврди дека во работно време не се воздржува од активност на социјалните мрежи, со пропагандни пораки против премиерот Заев. Тоа што прави во редовите на воените офицери и војската веројатно ќе биде тема на некој посебен извештај од поинакви служби и органи во безбедносниот систем.
Неретко, без никаква почит кон Министерството за одбрана и неговиот прв човек, Министерката Шекеринска, јавно и на социјалните мрежи пласира политички пораки и лансира „афери“, дури и откако е демантиран. Без да се осврне на аргументите со кои е демантиран, тој „во војнички ритам“ ги повторува истите ставови (веќе демантирани) за состојбите во Армијата и во Министерството за одбрана. Води класична партиско-пропагандна војна против Владата. Како доскорешен началник на военото разузнавање, прашање е колку овој полковник со своето „политичко“ дејствување е на линија на професионалните, етичките и безбедносните правила. Навистина, оправдано е прашањето колку, всушност, овој „војник“ ѝ штети на институцијата од која го јаде својот војнички леб, а го мачка со кајмакот на политиката.
Да не заборавиме, Ковачки е висок офицер на Армијата што, за време на режимот кој го спроведуваа неговите политички ментори, беше сведена на просјачки стап. Војниците имаа слаби плати, лежеа на железни кревети и се покриваа со стари ќебиња од ЈНА. Станбеното прашање постојано им висеше во политички наелектризираниот воздух, додека „скромните“ властодршци го „парцелизираа“ Водно и се стекнуваа со десетици станови и вили за себе. Војниците имаа испокинати чизми и стари униформи, а од „механизација“ располагаа со лопати. Тоа беше Армијата на полковникот кој избира да биде партиски послушник и висок функционер.
Активноста на социјалните мрежи е несвојствена за одбранбени и безбедносни структури било каде во светот. Кај нас, таа е регулирана со закони и правилници и во МВР, дури од времето на Јанкуловска (се разбира, од сосема поинакви побуди – за контрола), но некако останува нерегулирана во Армијата. Министерката Шекеринска е на чело на министерство кое, според категоријата „интегритет на одбраната“ е на самиот врв (по она на Литванија) во Централна и Источна Европа. Во национални рамки, Министерството за одбрана е лидер на листата на сите институции на централно и на локално ниво во активната транспарентност, според Индексот на активна транспарентност 2020 на Центарот за граѓански комуникации, што е скок за 40 места за само три години.
Но тоа не му е доволно на полковникот и функционер на ВМРО-ДПМНЕ. Веројатно, сега е крајно време да се размисли за воведување построги стандарди за однесувањето на оние од чиј морал и професионализам зависи безбедноста на државата, особено затоа што Северна Македонија сега е полноправна сојузничка во НАТО.
Да не заборавиме… Не е сé во законите. Армиите во светот се познати по своите строги кодекси на однесување. Воените старешини се чувари на моралот и солидарноста во војничките редови. Партиската и пропагандната дејност на воените старешини внесува несигурност и недоверба кај војниците.
Од цивилна гледна точка, повеќе од непријатно е сознанието дека висок армиски старешина кој воедно бил и началник на военото разузнавање, истовремено е активен функционер на било која политичка структура. Особено ако таа структура (партија) е позната по своите антизападни (и анти-НАТО) постапки и однесување, а според официјални светски и домашни извештаи своевремено ја зароби државата, а сега е извор и на дезинформациски кампањи. Едноставно, цивилите со право ќе го постават прашањето на моралот, но и на тешката злоупотреба на униформата.
На Ковачки никој не му брани да биде дел од политичка партија и да води кампања, па нека е и црна и валкана, да гради политичка кариера, можеби и како градоначалник. Но чесно ќе биде да ја остави униформата, како што тоа достоинствено го направиле неколку други воени старешини.
Минимум потребна „офицерска чест“ е да се здипли униформата, гордо да се салутира за последен пат, а дури потоа да се заплови во немирните води на политиката. Вака, за пет минути слава на социјалните мрежи, се навредува достоинството на униформата и се плука по тврдиот војнички леб.
Да не зборуваме за безбедноста на државата… Тоа е посебна приказна која обединува повеќе елементи, постапки и… документи. Ако „нема кој да му пишува на полковникот“, тоа сигурно не смее да биде некоја партиска централа со „детачирани седишта“ во главните градови на земји кои порано беа во Варшавскиот пакт.