Во Владата на Република Северна Македонија, денеска, се одржа Отворен ден за консултации со граѓанскиот сектор за Програмите за намалување на аерозагадувањето, каде воведни обраќања имаа заменик министерот за животна средина и просторно планирање Јани Макрадули, градоначалникот на Скопје Петре Шилегов и Ана Чоловиќ-Лешоска од здружението „Еко-свест“.
Заменик министерот за животна средина и просторно планирање, Јани Макрадули во своето обраќање се осврна на мерките предвидени во Програмата за намалување на аерозагадувањето за 2019 година и ги презентираше пристигнатите Предлог-мерки за вклучување во активностите предложени во Програмата за идната, 2020 година.
„Го искористивме Буџетот за оваа година во инвестиции за замена на нееколошки извори на затоплување во 19 општини, дел во основни училишта и градинки, тече се уште повикот за филтри во малите и средни претпријатија чие деловно седиште е на територијата на општините кои припаѓаат на Полошкиот плански регион во Република Северна Македонија, како пилот-проект, односно во компании кои што за жал загадуваат и тука ќе субвенционираме целосно, како и 11,5 милиони денари се издвоени за зелените урбани површини“, истакна заменик министерот Макрадули подвлекувајќи дека освен работата на Интересорската работна група, се вклучуваат повеќе Министерства со активности за намалување на аерозагадувањето и воедно ја повика бизнис заедницата активно да се вклучи во овој процес.
Тој, исто така го најави и законското решение за замена на печките на дрва кај индивидуалните семејства со инвертери (обновлив извор според стандардите на ЕУ) кои што ќе бидат субвенционирани сто проценти.
„За 60 квадрати, пресметката кажува дека би се загревало, со поголем комфорт, со високо ефикасен инвертор за околу 11.800 денари, додека со дрва истата квадратура е за 60 проценти поскапо“, информираше заменик министерот Макрадули, додавајќи дека очекува поголем број семејства да се вклучат кон оваа иницијатива, апелирајќи за поголема гласност на мерките, кои немаат само еколошка туку и економска ефикасност.
Заменик министерот Макрадули информираше и за предлог-мерките предложени од членовите на Интересорската работна група за идната година кои се однесуваат на подобрување на состојбата на метеоролошкиот набљудувачки систем и конкретно за добивање на квалитетни метеоролошки информации, воспоставување на здравствено-еколошки информативен систем за следење на ефектите од аерозагадувањето и унапредување на мониторинг-системот за проширување на видот на загадувачки материи, дислокација на дивите населби во Скопје, замена на начинот на греење на преостанатите здравствени установи во најзагадените градови и прилагодување на старите автобуси и градежни машини кои загадуваат со поставување на специјални системи за редукција на штетните емисии. Исто така, во Програмата за намалување на аерозагадувањето 2020 е предложена и изработка на Долгорочна стратегија за справување со аерозагадувањето како и креирање на програми за намалување на енергетската сиромаштија на општинско ниво.
Градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов, на средбата со граѓанскиот сектор презентираше неколку главни области во кои Градот има преземено конкретни чекори кои покажале резултати, а тоа е основањето на АД Градски енергетски системи е најголемиот чекор напред кој го преземавме за долгорочно решавање на проблемот, имајќи предвид дека голем процент од аерозагадувањето доаѓа од затоплувањето на домаќинствата.
„Се разбира во овој дел продолжуваме и со субвенционирањето на набавка на печки на еко пелети, инвертер клима уреди, а започнавме и со субвенционирање на чистење на оџаците во домаќинствата“, додаде градоначалникот Шилегов.
Тој истакна дека во делот на активностите за подобрување на квалитетот на амбиенталниот воздух се и засилувањето на инспекцискиот надзор на сите потенцијални фактори на загадување, за што како што подвлече Шилегов говорат и
двојно зголемување на казните и опомените.
„Според планот за работа на инспекторите за животна средина на Град Скопје, извршени се по две редовни контроли на сите 40 инсталации кои подлежат на Б–Интегрирана еколошка дозвола, за кои е надлежен Град Скопје. Контролите се интензивирани на градилиштата, со посебен акцент на централното градско подрачје, но и другите поголеми градилишта во другите општини, како и на територијата на Општина Аеродром каде што се сконцентрирани поголемиот број од градилиштата“, рече градоначалникот Шилегов.
Тој апелираше до граѓанските организации и до медиумите да и дадат гласност на новата кампања за спречување на палењето на стрништа, каде што на граѓаните им се нуди бесплатно собирање на стрништата односно отпадот после бербата на земјоделските производи. Беше споменато и дека во насока на подобрување на ефикасноста на јавниот превоз во завршна фаза е набавката на еко автобусите на гас, а се стимулираат и набавки на друг вид превозни средства како велосипеди и тротинети.
Ана Чоловиќ-Лешоска, од здружението „Еко-свест“ укажа дека според најновите анализи на граѓанската иницијатива над 60 проценти од граѓаните сметаат дека еколошките проблеми треба да ги решаваат општините и исто толкав процент на граѓани сметаат дека медиумите недоволно пишуваат за проблемите со животната средина.
Чоловиќ-Лешоска, додаде дека според анализите најголем дел од граѓаните се информираат од телевизиите како медиум и укажа дека најдобро е кампањите да се водат на тој начин, бидејќи според наведената анкета дури 70% од граѓаните се информираат преку телевизиите.
„Сметам дека ова Партнерство треба да вроди со плод не само за оваа година туку и за следниот период, зборувам за долгорочен период од 10 или 20 години, бидејќи мора да сме свесни дека аерозагадувањето не е нешто што се решава за кратко време и нешто што може да бидеме сигурни дека се решава со неколку мерки. Ова е долга борба и не чека многу долгорочна посветеност и работа на сите институции“, рече претставничката на „Еко-свест“.
Дел од присутните граѓански организации изложија иницијативи за имплементирање мерки за борба против аерозагадувањето, дел од мерките се однесуваа на предлози за идентификување на индустриски загадувачи со засилување на инспекции, а беа предложени и активности и мерки за енергетска ефикасност и конкретни мерки за борба против т.н. енергетска сиромаштија.
На денешниот Отворен ден за консултации и предлози за намалување на аерозагадувањето и предлози за Програмата за 2020 година беше заклучено дека покрај институциите, индустријата и останатите сектори потребно е и поактивно вклучување на секој граѓанин и посветување на подигнување на еколошката свест кај младите и граѓаните.