Еден познат светски институт за земјотресен инженеринг и лајкови на Фејсбук објави супер тајни документи за научно-политичката диверзија на Премиерот на Република Северна Македонија кој, според шокантните откритија, е главниот виновник за земјотресот со епицентар во Албанија што се случи пред малку.
Според тајните документи, Заев бил во спрега со западните научници и тимови на една големата меѓународна и меѓувладина организација на нациите, како и со компанијата Кока-Кола, поточно со брендот Фанта Шоката. Откако не успеа да го убеди шефот на една голема опозициска партија во РСМ дека правда мора да има, тој прибегна кон организирање на земјотрес со политичка позадина. За да ги затскрие трагите, премиерот Заев, во договор со тајните служби од Западот, го организирал земјотресот во Албанија.
Овие тајни ни ги пренесе еден познат камерман со живеалиште во една од населбите на Запад од Центар, кој сакаше да остане анонимен. Инаку, нашиот извор пие пиво со Швепс за искусни, што е во директна конкуренција со експлозивните состојки во Фанта Шоката што била основно средство за оваа најнова земјотресна диверзија на Премиерот Заев. Тој, дополнително, за да ги скрие трагите на овој најнов заговор, деновиве предводи владина делегација чија дестинација е Њујорк.
Ванда Максимоф
поранешна секретарка на Унија на жените на една националистичка партија
Рубриката АХА! е простор за хумор и сатира. Секоја сличност со реалноста е намерна и не е претерана.
FRONTLINE.MK