Поранешната државна секретарка на САД Хилари Клинтон го обвини американскиот претседател Доналд Трамп за предавство.
„Американскиот претседател ја предаде нашата земја. Ова не е политичка изјава, таа е сурова реалност и ние мора да дејствуваме. Тоа е јасна закана по вредностите што нè прават силни и слободни“, напиша Клинтон на Твитер.
Противничката на Трамп на претходните претседателски избори изјави дека го поддржува предлогот за импичмент.
Претставничкиот дом на САД вчера покрена формална истрага за тоа дали треба да се отповика претседателот Доналд Трамп поради барање странска помош за да му наштети на неговиот политички ривал Џо Бајден.
Тие го обвинуваат Трамп дека разговарал со Зеленски кон средината на летото, барајќи од него компромитирачки информации за Хантер Бајден, син на Џо Бајден, еден од кандидатите на демократите за изборите во 2020 година. Американските медиуми посочуваат дека Трамп му рекол на шефот на кабинетот да ја задржи воената помош за Украина во вредност од 400 милиони долари непосредно пред разговорот со Зеленски, иако Конгресот веќе одобрил тие средства да бидат доделени на Киев.
Извор: МИА