Охриѓани ја добија првата паметна соларна клупа, која е поставена во дворот на хотел Инекс Олгица. Направена пред сѐ да служи како место за одмор за луѓето, клупата е дизајнирана да се вклопи во концептот „паметниот град“ и да понуди сосема ново искуство за размена на информации на оние што ја користат.
Станува збор за клупа која на делот за седење има соларни панели, кои сончевата ја претвораат во електрична енергија, со што придонесува за зачувување на животната средина. На тој начин, таа повеќе не е само објект за одмор, туку паметен уред каде може да наполните батерија на телефон или лаптоп, да добиете релевантни локални информации, податоци за животната средина (квалитет на воздух, ниво на бучава, температура и сл.), информации за тоа колку енергија е генерирано и потрошено и сл.
„Технолошкиот развој и потребите на мобилната генерација на 21-от век бараат да се размислува за решенија кои на луѓето во заедницата ќе им го олеснат движењето и ќе им понудат релевантни информации. За новите ,,дигитални генерации“ несомнено пристапот до интернет и полна батерија на телефонот е многу важно, а паметните клупи го овозможуваат токму тоа- обезбедуваат енергија, поврзување и релевантни локални информации во движење“- велат од Октагон прима, генерален застапник за Strawberry паметните клупи за Северна Македонија.
Градовите, кои имаат аспирации да станат паметни, да го намалат загадувањето и да им овозможат на своите жители полесно движење и размена на информации, веќе извесно време ги користат овие клупи.
„Го поздравуваме поставувањето на овие нови паметни клупи. Тие ќе помогнат на нашите гости да им понудиме користење модерната технологија, додека уживаат во прекрасната глетка на Охридското Езеро, а во исто време сите заедно ќе придонесеме кон почиста животна средина“, велат од хотелот Инекс Олгица, каде е лоцирана клупата.
Се очекува во иднина вакви клупи да бидат поставени пред повеќе институции, трговски центри и на други јавни локации низ државата.
Извор: greencivil.mk