Претседателот на опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, во вечерашното гостување во ТВ 24, потенцираше дека е предвидено укинување на статусот Почесен претседател на партијата.
„Тоа е статут кој што е направен согласно реформите и динамиката во рамките на партијата. Тоа е статут направен како резултат на целосна и темелна анализа на сестринските партии“, рече Мицкоски.
Мицкоски нагласи дека ова треба да биде добар пример за останатите политички партии ако навистина сакат да се демократизираат во рамките на сопствената структура и додаде дека се укинуваат и уште неколку други места во партијата, а на прашањето дали е обид за дистанцирање од тие политики, Мицкоски изјави дека новиот статут е резултат на реформите во партијата.
Тој исто така изјави дека посакува земјава да добие безусловен датум за преговори со ЕУ.
„Доколку датумот биде условен, тогаш, како што рече, тоа ќе значи пораз и уште една голема лага на владата на СДСМ“, изјави Мицкоски.
За преговорите за законот за јавното обвинителство рече дека засега нема официјални средби на работните групи и оти комуникацијата се одвива на ниво на документи.
Не ја исклучи можноста да се дојде до решение до 15 октомври.
„Апослутно, ние работиме на тоа. Немаме официјални средби. Работиме на ниво на документи кои од едната и другата страна се разменуваат како предлози“, изјави Мицкоски.
Извор: Тв24