Следната недела, земјите-членки на Европската Унија (ЕУ) ќе се соочат со стратешки избор во врска со започнувањето на пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија. Пред овие клучни одлуки, Претседателот на Европската народна партија (ЕНП), Жозеп Дол, изрази поддршка за започнување на разговорите за пристапување во ЕУ за Северна Македонија и Албанија, јавува дописникот на МИА.
-Политиката за проширување на ЕУ е една од најуспешните алатки за воспоставување стабилност и мир на нашиот континент. Одлуките што треба да ги донесат земјите-членки нема да влијаат само на стабилноста, безбедноста и просперитетот на Западен Балкан, туку и на нашиот континент како целина. Време е да испратиме силен сигнал и да останеме верни на нашите заложби за регионот, вели французинот Жозеп Дол, кој е претседател на Европските народни партии.
Северна Македонија и Албанија постигнаа напредок во согласност со барањата за отворање на овој процес. Иако останува да се направи многу, отворањето на разговорите за пристапување е следниот природен чекор. Граѓаните, а особено младите, од Северна Македонија и Албанија заслужуваат европска перспектива, бидејќи останува извор на мотивација и решеност за тие земји и поширокиот регион да продолжат со потребните реформи за понатамошно спроведување на владеењето на правото, зајакнување на судството, борба против корупцијата, подобрување на соседските односи и гарантирање на независност на медиумите, се вели во соопштението на ЕНП.
-Одлуката следната недела е историска и одлучувачка за иднината на нашиот континент. Патот за членство за Северна Македонија и Албанија ќе биде долг, но тоа е пат што треба да го градиме заедно и не смееме да изгубиме динамика. Земјите од Западен Балкан се нашите најблиски историски, географски и економски партнери. ЕУ нема да биде целосна додека регионот не биде дел од нашата унија, потенцира Дол.
Извор: МИА