Германскиот дипломат Михаел Рот предупредува дека повторното одбивање да се започнат преговорите со С. Македонија и Албанија ќе испрати катастрофален сигнал во регионот, пишува Дојче веле.
Германската влада апелира до Франција и другите скептични влади во ЕУ да се согласат на почеток на преговорите за членство со Северна Македонија и Албанија. Германскиот државен министер Михаел Рот во интервју за Велт објаснува дека тоа би бил „вистинскиот сигнал“.
„Ќе биде правилен сигнал доколку на 15 октомври во Луксембург дадеме зелено светло за почеток на пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија“, вели Рот.
„Албанија и Северна Македонија си ги завршија домашните задачи. Тоа мора да се награди. Ние дадовме ветувања, сега мора да ги исполниме“, вели Рот.
Во спротивно, предупредува Рот, доколу Тирана и Скопје повторно бидат одбиени, тоа ќе испрати катастрофален сигнал во регионот. Притоа ќе се остави и „политички вакум“ кој „други земји без двоумење“ ќе го искористат, вели дипломатот алудирајќи на Русија, Кина и Турција.
Според информациите од Брисел, состојбата во пресрет на одлуката дополнително се комплицира поради растечкиот скептицизам на неколку ЕУ членки кон Албанија. Франс Прес пишува дека против почеток на преговорите со Тирана, освен Франција, се и Холандија, Шпанија и Данска.
Почетокот на преговорите со двете земји веќе на двапати беше одложуван од земјите-членки на ЕУ, секојпат со ветување, дека одлуката ќе биде донесена следниот пат.