Српскиот министер за внатрешни работи и потпретседател на Владата, Ивица Дачиќ, синоќа е хоспитализиран со двострана воспаление на белите дробови и се наоѓа во тешка состојба, приклучен на механичка вентилација, потврдија неговиот кабинет, соработници и лекари, пренесуваат српските медиуми.
Пулмологот Спасоје Попевиќ изјави дека состојбата на Дачиќ е „многу тешка“ и дека лекарите се борат за неговиот живот.
„Во моментов е на механичка вентилација – респиратор, прима сè што е потребно, сите лекови и терапија. Со респираторот купуваме време потребно лековите да делуваат и се бориме за неговиот живот. Станува збор за тешко воспаление на белите дробови“, изјави докторот Попевиќ.
Дачиќ бил хоспитализиран вчера во 16:30 часот на Клиниката за пулмологија. Лекарите засега се воздржуваат од прогнози.
„Прерано е за такво нешто, но се трудиме и мислам дека донекаде успеваме да ја стабилизираме неговата состојба. Наредните неколку дена ќе дадат одговор како ќе се развива состојбата“, додаде Попевиќ.
Дачиќ вчера го посети српскиот претседател Александар Вучиќ, кој оцени дека „ситуацијата е тешка“.
„Веруваме во лекарите и веруваме во него и се молиме за него“, изјави Вучиќ за новинската агенција Танјуг пред Клиничкиот центар на Србија.
Дачиќ не присуствуваше на комеморацијата за Владислав Јовановиќ, поранешен министер за надворешни работи и амбасадор на СР Југославија при Обединетите нации.
„Жал ми е што поради технички причини овде не е присутен Ивица Дачиќ, претседател на Социјалистичката партија на Србија“, изјави Вучиќ.
Според пишувањата на српскиот таблоид Информер, претседателот Вучиќ го испратил во болница кога забележал во каква здравствена состојба се наоѓа. Дачиќ требало да биде дел од делегацијата што патува во Казахстан со претседателот, но патувањето било откажано поради здравствени причини.
Редакција Фронтлајн







