Поранешниот премиер Зоран Заев информираше преку објава на Фејсбук дека поднел тужби против пратеникот Бране Петрушевски и бизнисменот Жан Митрев, поради клевета и нарушување на чест и углед.
„Поднесени се тужбите против Бране Петрушевски и Жан Митрев за клевета и нарушување на чест и углед. Не постои никаква дилема дека ќе се докаже лагата и на двајцата“, напиша Заев во својата објава.
Според документите доставени до Основниот суд во Струмица, вредноста на тужбите изнесува по 500.000 денари. Во тужбата против Петрушевски се наведува дека на прес-конференција одржана на 7 февруари 2026 година изнел наводи поврзани со запленета марихуана и наводна вмешаност на Заев. Во втората тужба, против Жан Митрев, се оспоруваат изјави дадени во телевизиско гостување на 15 јануари 2026 година, во кои се споменува наводен интерес на Заев и Венко Филипче за сопственичката структура на клиниката.
Во објавата, Заев наведува и дека евентуалниот надоместок од добиените тужби ќе биде дониран.
„Надоместокот од добиените тужби ќе оди за децата без родители и лицата со посебни потреби“, истакна тој.
Во тужбите се бара утврдување на одговорност за клевета и надомест на нематеријална штета поради, како што се наведува, изнесување невистинити факти што ја нарушиле неговата чест и углед.





