пишува: ЈАНЕ ЃОРЃИОСКИ
„Миле, ми текна уште нешто…“
Му текнало на Грујо, така од чиста љубов кон таткоИната, дека треба да се оформат парцели на Водно, кои биле предвидене како шумски појас и зеленило, е сеа зеленилото да се пренамени во градежно земјиште и да се урбанизира „пустелијата“ со квалитетни луксузни градби.
Како што слушнавме од „бомбите“, се работело за површина од 35.000 м2 од кои лично Грујо прави план со помош на Миле, да купи 14.500 м2, за потоа да ги препродава. Цената на чинење би била над 17 милиони евра. Кој ќе ти знае колку се 17 милиони евра во наши пари.
И, си се расфрлаат така Мики и Грујо со плановите на Градот, со ГУП-от со Деталните урбанистички планови, небаре во сермија им е оставена државата. Си се шеткал Грујо со кола и си барал плацеви:
Прво со Тодоровиќ им одело глатко, но потоа имаат потешкотии во реализацијата, оти не им е повеќе Општина Центар под контрола.
Ете им проблем. Но, нивната пожртвуваност да се присвои што се дало и што се може е беспрекорна и на инвентивноста им нема крај.
Смислуваат сценарио како да ја постигнат целта. Користат ама буквално сè што имаат на располагање. Лично Грујо нарачува да му се удрат два-три шамари на Жерновски и организира блокада пред општинските простории со измислени незадоволници. Од наменски оформеното здружение „Веритас“, се организира тешка багра од стотина багабонти да мават и кршат, изговорот им е као ќе ја штителе црквата Св. Константин и Елена.
Па не им успева тоа.
Потоа му местат и го апсат Шиповиќ, тој нели претседавач на Совет, а тие беа мањак еден глас, за да имаат мнозинство во Советот на Центар. Целта на сите тие драмолетки е само и само да се сменат ДУП-ови за да се уништи и приватизира Водно и да се зароби Капиштец. Веќе и не се сеќаваме како сето тоа со заврши, а многу е битно.
Борбата било да се завземе ДУП-от „Тасино чешмиче“. Пералната за пари која ќе ја наречеме „Тасино чешмиче“ е тоа со кое се бевме соочиле тие 12 години.
Се победи тоа, но не смее да се застане.
Читам деновиве навистина искрени статуси по „социјалава“. Луѓето навистина се загрижени, се прекршува иднината на државата, ама велат не требало Заев да мољака и да се понижува пред странците за да добиеме датум за ЕУ. Велат – не било достоинствено за еден Премиер. Е не е достоинствено, се согласувам, ама…
Ама, ние се соочуваме со изборот: ЕУ, или Тасино чешмиче? Тоа е влогот. Вредат ли сите мољакања, жртви и сите грешки што ќе ги изнаремпаат уз пат и попреку дури не се спастриме ко нормални?
Боли, ама В Р Е Д А Т!
Другиве остатоци што не киднаа, што прават?
Лешперот кидна и ги остави мицковци да му го бранат тилот и да му ги греат непродадените Тасеви чешмичиња. А, го бранат пустите и со лични и со државни саможртви, никако не попуштаат, којзнае колку и со што ги задолжил.
Ете ги – клеветеле каде што ќе стигнат, само за да не добиеме датум за преговори. Знаат тие дека ако се успее сега, нема повеќе никогаш можност за Тасини чешмичиња.
Ете го лешперот, сега е гласач на Орбан и пишува долги фејсбук статуси накинџурени со 120 емотикони.
А ние, ние ете сме – спремни за сеир, ги читаме и го чекаме наредниот статус.
А и брзо забораваме.