На лидерската средба што ја свика Претседателот Стево Пендаровски своето учество го потврдија учествуваат лидерите на политичките партии СДСМ Зоран Заев, ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, Али Ахмети од ДУИ, Зијадин Села од Алијанса за Албанците, како и лидерите на ДПА, Алтернатива и Беса, дознава ФРОНТЛАЈН.МК.
Принципот на избирање на учесниците е врз основа на тоа кои партии освоиле пратеници на изборите во 2016 година самостојно, односно не биле во предизборна коалиција.
Речиси сите од нив во пресрет на средбата побараа предвремени избори, власта насока од народот за идниот пат на државата и нов мандат за да ги продолжи реформите, а опозицијата казна за Владата за неуспехот за почнување преговори со ЕУ и доверба за, како што велат, нов почеток за државата.
Премиерот Зоран Заев вчера оцени дека со негативната одлука на ЕУ е направена историска грешка и најави дека на лидерската средба ќе побара организирање брзи предвремени парламентарни избори, на кои, како што потенцираше, граѓаните ќе кажат по кој пат ќе одиме понатаму.
„Народот ни даде мандат и честа да го водиме и тој сега ќе одлучи дали продолжуваме по истиот пат. Ако е така, јас барам одново чист и отворен мандат за да ги продолжиме реформите. Не сме сјајни, имавме грешки, но нема друг пат. Сѐ друго е ќор-сокак, сѐ друго е крив пат и нешто во кое се вртевме во круг 27 години. Ја донесов одлуката вчера откако се консултирав и со повеќе луѓе, со коалициски партнери, рече Заев во обраќањето во кое објави дека ќе бара предвремени парламентарни избори.
И лидерот на ДУИ, Али Ахмети, како и претседателот на Алтернатива, Алијанса за Албанците и БЕСА, сметаат дека е време за предвремени парламентарни избори.
Претседателот Пендаровски во обраќањето до јавноста по негативната одлука од Европскиот совет порача дека сега е време да се покажа единство околу стратешката ориентација на државата, без разлика на легитимните политички разлики по многу прашања.
Џ.Д. / И.Т.З.