Човекот кој претендира да биде нарекуван професор и левичар не знае дека социјалистичките држави не го препознаваа концептот за човековите права и дека тоа беше дел од проблемот на распадот на системот кој дојде во контрадикторност со самиот себе. Конвенцијата за човековите права и слободи е ратификувана од Македонија, не од СФР Југославија, се вели во Фејсбук објавата на професорката Мирјана Најчевска.
„И не прави разлика меѓу шамија и фереџе и бурка (што се сосема различни нешта). И не ја разбира филозофијата на новата левица која се базира на човековите права и основни слободи кои ја препознаваат потребата од заштита на индивидуалното наместо на колективносто. И нема врска што е тоа феминизам, а да не зборуваме за правото и можноста на жената да бира дали ќе верува во нешто или не, дали ќе почитува одредени правила кои се базираат на вероисповед или не. И не разбира разлика меѓу секуларноста на државата и правото индивидуата да си ја практикува и манифестира религијата која ја одбрала“, пишува Најчевска.
Таа понатаму пишув дека „заморува веќе толкаво незнаење и заморува агресивниот примитивизам во изразувањето и насилниот речник полн со омраза од луѓе кои би требало да бидат едукатори“.
„И не се сеќавам Апасиев некогаш да се пенавел затоа што некоја феминистка носи ланче со крст. Или која отишла во црква, или била крстена или се венчала по црковните правила. Или проблемот е во Исламот, а не во религијата како таква?“, завршува Најчевска.