пишува: ЏАБИР ДЕРАЛА
Врие во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ. Иако не изгледаат така, ѕидовите на Белата палата на ВМРО-ДПМНЕ веќе одамна не се така дебели, тајните не може да ги сочуваат ни еден ден. По скандалозната номинација на активниот армиски офицер, полковникот Драган Ковачки за технички министер за внатрешни работи, Христијан Мицкоски е уште повеќе осамен отколку пред да ја донесе таа самоволна одлука, на своја рака.
Структури од раководството на вемерето се гневни на Мицкоски, брифираат анонимни партиски извори. Според дел од раководството на ВМРО-ДПМНЕ, со неуставниот предлог за министер за внатрешни работи, Мицкоски „тотално ја избламира партијата“.
Веќе истата вечер кога тој отиде на меѓупартиските средби со Ахмети и со Заев, стана очигледно дека Мицкоски не се консултирал со никого за оваа номинација. Тоа стана уште појасно особено по реакциите на Силјановска-Давкова и Каракамишева. По нивните изјави во јавноста, расте притисокот врз Мицкоски да го повлече скандалозниот предлог и да излезе со разумно решение со кое не се кршат Уставот и законите.
Мицкоски е во ужасно тешка ситуација. Притоа, тој е и во временски и во политички теснец, имајќи ги предвид законските рокови за формирање на техничката влада, но уште повеќе затоа што голем број од членовите на раководството на ВМРО-ДПМНЕ се под кривични истраги и обвиненија.
Од друга страна, истите тие што се под кривични истраги и обвиненија очекуваат да бидат поставени за министри или дополнителни заменици. Премиерот Заев ги исполни очекувањата на јавноста и јасно и недвосмислено ја соопшти својата одлука дека проблематичните номинации од Мицкоски се неприфатливи и за СДСМ и за граѓаните.
Според бриферите од ВМРО-ДПМНЕ, непредвидливиот Мицкоски може да оди и чекор понатаму, па така за министер за внатрешни работи да го предложи Антонијо Милошоски, лице под сериозни обвиненија за кривични дела. Се зборува дека изборот на Мицкоски може да падне на Милошоски, затоа што му е должен за спроведување на валканата пропаганда и организирање на бојкотот на Референдумот во 2018 година.
Во вакви услови, според резонот на нашите брифери, на ВМРО-ДПМНЕ не му одговара лидер што е непредвидлив „соло играч“ кој влече ужасно штетни потези, но не може ни да помисли за негова смена на три и пол месеци пред одржување на предвремените парламентарни избори.