Tехничката влада денеска ја одржа третата седница со којa претседаваше премиерот Оливер Спасовски. На седницата беа донесени повеќе одлуки, но камерата на „360 Степени“ успеа да регистрира и јавно изговарање на новото уставно име на државата од фунционер на ВМРО-ДПМНЕ.
Како што покажува видео-записот, министерката за труд и социјална политика, Рашела Мизрахи, го употребува терминот Влада на Република Северна Македонија, читајќи од текст кој се наоѓа пред неа.
„360 Степени“ побара коментар од матичната партија на министерката по владината седница. Од ВМРО-ДПМНЕ го побараа и го добија видео-записот од настанот за да можат да дадат официјален став.
„Она што го прави министерката Рашела Мизрахи е цитирање на документ изготвен од службите на Заев. Ставот на Мизрахи е идентичен со оној на ВМРО-ДПМНЕ и непроменет. Договорот со Грција, иако е реалност, тој е штетен и неприфатлив“, велат од партијата.
Неофицијално, од Владата за „360 Степени“ велат дека министерката читала барање за дополнување на дневниот ред на денешната владина седница. Дел од правата на министрите и дополнителните заменици-министри вклучуваат и избор на сопствен кабинет кој им помага во извршувањето на работните задачи.