Предметот познат како „Монструм“, продолжи каде што застана, откако претходно се смени поротник, но во интерес на постапката и начелото за судење во разумен рок, одбраната се сложи да продолжи без повторно читање на обвинението и без повторно изведување докази.
Од судот, ја информираа јавноста дека заради промена на судечкиот совет, односно поднесена оставка на еден судија – поротник, а во брзо време и истек на мандат на друг судија – поротник, со назначување нови како и дополнителни – резервни поротници, главната расправа формално почна одново, а продолжи со изведување нови докази.
„Имено, заради ефикасност на постапката, начелото за судење во разумен рок и пред се Уставно загрантираните права и обврски на обвинетите и оштетните во постапката, одбраната се согласи наместо повторно изведување на доказите, судењето да почне формално од почеток само со пренесување на сите досегашни изјави и изведени докази во новиот записник, со што расправата продолжи онаму каде и претходно застана, а тоа е со изведување на нови докази и сослушување нови сведоци“, стои во соопштението од судот.
На овој начин судот, во согласност со одбраната, а постапувајќи според Законските одредби не дозволи дополнително одолговлекување на постапката, што е од интерес пред се на обвинетите и оштетените во предметот.
Инаку, шестмината обвинети во „Монструм“ беа осудени на доживотен затвор под обвинение за тероризам, но во 2018 година година Врховниот суд ги уважи жалбите на одбраната за петкратното убиство кај Смилковското Езеро во Скопје на 12 април 2012 година. Првостепената и второстепената пресуда за предметот беа укинати и се враќаат на повторно одлучување во Кривичниот суд.