Активистот Јасмин Реџепи во разговор за ЦИВИЛ Медиа вели дека сторијата на новинарот Љупчо Златев која е објавена на порталот Лидер, а пренесена од Курир и други портали, каде што се обвинува за тероризам, е целосно невистина и за тоа ќе биде поднесена тужба.
„Опозицијата во недостаток да понуди конкретна конструктивност и политички решенија, се занимава со производство на лажни вести. Тоа извесно време се случува кон мене и кон мојата сопруга Мерсиха Смаиловиќ. Сите овие напади се само за дефокусирање на јавноста, бидејќи немаат што политички да понудат и се занимаваат со конкретни луѓе да ги прикажат во најлошо светло. За овие лажни вести и обвинувања веќе е подготвена тужба и ќе се даде на суд, бидејќи никој не смее да си игра со честа на граѓаните или со честа на тие што направиле многу за оваа држава“, вели Реџепи.
Тој додава дека најмногу работа имаа во периодот на претходната власт за време на бегалската криза кога беа на двете граници. Реџепи додава дека на нивни грб ги истуркаа сите законски решенија за нашата држава да биде прикажана во најдобро светло.
„Воопшто не се работи за некаков наш напад врз некоја држава како што се вели во прилогот, туку во 2010 година, 6 хуманитарни бродови беа нападнати со хеликоптери од израелската армија во меѓународни води. Доколку е вистина дека бевме екстрадирани поради тероризам, тогаш ќе имало судење во израелските судови и таму да ја одлежиме казната, немаше да не екстрадираат. Меѓутоа и самите беа свесни дека извршиле напад и киднапирање на хуманитарни бродови во кои имаше хуманитарни работници и активисти за човекови права“, додава Реџепи.
Реџепи потенцира дека овој оркестриран напад со дезинформации од квази новинари и квази портали несомнено е инспириран од исламофобија и ксенофобија, кој како негативна појава граѓанското општество во земјава во старт го отфрла.
„Зарем хуманитарните бродови во сопственост на САД, Грција, Турција и скандинавските земји се терористички? Дали тоа нашите сојузници ги обвинува за тероризам?
За забраните за патувања во ЕУ токму говорат сите мои приеми во Европскиот Парламент, Европската Комисија, Белгискиот Парламент, Бундестагот и бројни меѓународни конференции на кои гордо ја преставувам својата татковина, нашата хуманитарна дејност и борбата за човекови права“, нагласи Реџепи.
Тој додава дека не се активисти на СДСМ, ниту неговата сопруга не е функционер во СДСМ, туку со лагите се оди од крајност во крајност.
Извор: ЦИВИЛ Медиа