Поголемиот дел од дезинформациите во Северна Македонија и низ целата територија на Балканот, според истражувањето на National Endowment for Democracy (NED) „Како начинот на кој размислуваме потткниува дезинформации“, потекнува од домашни извори. Сепак, голем број на дезинформации преку границите на регионот доаѓаат во најголем дел од Русија.
Според истражувањето, Москва намерно се залага за етнички тензии за поттикнување на дестабилизација, а промовира и неполитичка дезинформација, како што е веста дека вакцините се опасни во Северна Македонија, навидум со намера да шират страв и недоверба во владините институции.
Русија врши влијание преку медиуми финансирани од државата, како Спутник, Руската православна црква, руски бизнисмени кои се активни на Балканот и нејзините блиски врски со српската влада и водачите на етничките Срби во Босна и Херцеговина.
Политичките настани што се одвиваа во Северна Македонија во 2018 година, служат како корисен преглед на побарувачката на дезинформации на Балканот, особено Референдумот за името.
„Во месеците пред референдумот, се појавија Фејсбук страници и Твитер профили за поддршка на јавен бојкот на референдумот, ширење лажни информации за НАТО и Западот и провоцирајќи меѓуетнички тензии во земјата, која има големо етничко албанско малцинство. Преку лажни фотографии се покажуваше како жените кои биле претепани од полицијата бидејќи се спротивставиле на референдумот, искористувајќи ги емоциите на граѓаните за да се поттикне натамошно ширење на гласини и дезинформации. Други страници го изедначуваа гласањето на референдумот со учество во фашизам и нацизам, на пример со споделување на фотографија на германската канцеларка Ангела Меркел со мустаќи во стилот на Хитлер и со текст: „Бојкотирајте го геноцидот на македонскиот народ“. Ваквите објави имаа неколку илјади лајкови и интеракции, што е значителна бројка во земја со само два милиони жители“, се вели во истражувањето.