Со спектакуларна изведба на „Бела Чао“ и антифашистички слогани, вчера во Риека, Хрватска, започна официјалното отворање на „Риека Европска престолника на културата за 2020 година“.
Во изведбата учествувале 200 луѓе од кои 20 гитаристи директно на главната сцена.
Во рамките на манифестацијата, која во Риека се реализира под мотото „Пристаниште на различности”, за цела 2020 година се планирани повеќе од 600 културно-уметнички настани во кои ќе бидат вклучени над 300 организации и уметници од 40 земји од Европа и од светот.
Хрватскиот град Риека и ирскиот Голвеј се избрани за европски градови на културата за 2020 година.
Мотото на културната програма на Галвеј, пак, е „Пуштете ја магијата внатре“, вклучувајќи локални теми за јазикот, пејзажот и миграцијата – со европска и универзална релевантност и резонанца, како и славење на светската литература.
Изборот на европски градови на културата е една од најпознатите културни иницијативи на стариот континент, со традиција од 1985 година, на иницијатива на тогашна грчка министерка за култура, Мелина Меркури. Градовите се бираат врз основа на културна програма која мора да има силна европска димензија – промовирање на учество и активно учество на жители на градот, заедниците и разни заинтересирани страни, со цел долгорочен развој на градот и околниот регион.
Во 2019 година, бугарски Пловдив и италијанска Матера ја понесоа титулата Европска престолнина на културата, додека идната година таа чест ќе им припадне на Темишвар од Романија, грчка Елевсина и српски Нови Сад.
Ј. Ѓ.







