Продолжуваат среќните мигови за самохраниот татко Ајнур Симоновски и неговите пет малолетни дечиња од скопската населба Ѓорче Петров 2. Претседателката на „Проект Среќа“ Кристина Арнаудова за Слободен печат објави дека денеска започнува изградбата на сосема нова куќа за семејството кое немаше основни услови за живот.
„Денеска ја почнуваме првата куќа, мајсторите се веќе на терен, куќата се наоѓа во населбата Ѓорче Петров 2. Се работи за таткото Ајнур Симоновски кој има пет дечиња без никакви основни услови за живот. Куќата ќе се прави буквално од фасада, до под, до врати, и ќе биде готова за три недели. Децата ќе имаат своја соба и сè што им е потребно за нормален раст и развој“, изјави Арнаудова.
Фронтлајн ја објави сторијата „Самохран татко на пет деца, премзнати и гладни“ за супстандардните услови во кои семејстовто Симоновски буквално се мачи да преживее, како и за донациите кои следуваа по објавувањето на „Конечно топол домот на самохраниот татко на 5 деца – хуманoста нe потфрли и овој пат“. Редакцијата е среќна дека работите за Симоновски добија ваков тек и убав епилог и ѝм благодари на членовите на органиацијата „Проект Среќа“ за хуманоста.
Да се потсетиме на дел од прилогот откако почнаа да пристигнуваат донациите:
„Јас сум среќен, искрено, навистина сум среќен“. Со оваа реченица Ајнур ја пречека екипата на Фронтлајн во својот дом.
Можеби не се исполнети сите детски соништа на Анџело, Леонора, Јасмина, Љубица и Алмир, но по многу зими поминати во студ, конечно ќе сонуваат на топло. Македонските граѓани, фирми, личности од македонската музичка сцена, не потфрлија и овој пат и му излегоа во пресрет на самохраниот татко Ајнур и неговите 5 малолетни дечиња, кои својата мака ја раскажаа пред камерата на ФРОНТЛАЈН.
Донации и хумантирната помош пристигнуваат од сите страни. Стотици граѓани им однесоа облека, обувки, храна, средства за хигиена. Помош пристигна од повеќе компании и Црвениот крст кои донесоа душеци, ќебиња, играчки, пакетчиња за дечињата, храна, млеко и пелени за најмалиот Анџело, и она што најмногу ги израдува годинава е дека за прв пат имаа новогодишна елка која со радост ја китеа.
Помош пристигна од „Виз Ер“, донации на музичката група ДНК, ЦИВИЛ, и стотици хумани граѓани.
Проектот Топол дом, како што истакна Арнаудова предвидува со донации од граѓани и компании да изгради 10 домови за луѓе, деца кои живеат во исклучително тешки услови.
Ивана Т. Зафировска