Околу несогласувањето во Собранието за Законот за ЈО и Законот за одбрана и ратификувањето на договорот за НАТО кој се изгласа со консензус од сите партии денеска во Утрински брифинг говори Џабир Дерала од ЦИВИЛ.
„Се разбира дека тоа е Договор кој беше насочен кон членството во НАТО, но јас би сакал да го гледаме Преспанскиот договор како историски кој беше насочен кон решавање на повеќедецениски спор“, вели Дерала околу односот кон Преспанскиот договор.
Според Дерала, членството во НАТО создава стабилност.
„Полесно е се откако имате ситуација во која сте дел од НАТО. Тоа дава стабилност и сигурност кај граѓанките и граѓаните. Ова е процес кој нема веќе да запре, се работи за процедурални и административни чекори кои секако ќе поминат. Тоа значи дека сепак што и да се случи со политичката гарнитура на власт ние имаме обезбедено место во НАТО. Тоа е нешто што не може да се врати“, истакна Дерала.