пишува: БРАНКО ТРИЧКОВСКИ
Зошто е важен Законот за јавното обвинителство!?
Зошто е особено важно донесувањето на Законот во овој момент!?
Прво, одржување на ритамот на реформите во врска со остварувањето на европските стандарди и евроатлантските амбиции на земјата е клучна димензија на целиот процес. Сега имаме повеќе причини да се надеваме на датум за почеток на преговорите во март, што со успешно завршениот процес на зачленување во НАТО, ќе ги заокружи резултатите кои до пред три години не можевме ниту да ги замислиме.
Второ, Законот е клучен инструмент во мачниот процес на рехабилитација на правната држава која така темелно ја уништи режимот на вмро-дпмне. Тоа, пак, е важно, не само за евроинтеграциите, туку и за враќање на довербата на луѓето во институциите на системот и во новите можности и шанси на Македонија.
Трето, важно е да се знае дека сите аспекти на донесувањето на законот се остварени во услови кога во регионот почнува да се создава атмосфера која многу личи на предвоените времиња од почетокот на деведесетите години на минатиот век. Република Српска, тој производ на политиката на крв и земја, најавува излегување од Босна и Херцеговина. Која, пак, е нефункционална и прилично осакатена држава и во самата конституција и во политичката пракса, но распаѓањето не е никакво решение туку е апокалиптичен наум. Општественото ткиво во Црна Гира сѐ порадикално се дели на Срби и Црногорци. Особено по донесувањето на Законот за положбата на верските заедници. Властите не се без вина за тие состојби и тенденции, но во основата на сѐ е инструментализацијата на црногорските Срби во новиот обид да се реализира големосрпскиот државен проект под патронат на Српската православна црква и на српската држава, со јасни и недвосмислени сервиси од страна на Москва. Хрватска е пред партиски избори во ХДЗ, со сѐ погласни артикулации на опциите кои ја тераат ХДЗ и целата земја на порадикално свртување в десно. Косово останува без клучното признавање од страна на Србија, иницијативите на САД и на Европската унија, за сега, не даваат резултати, односите меѓу Приштина и Белград ескалираат, па се потсмируваат, но конфликтот останува високоризичен. Слушаме и за грчко-турски напнатости на границата на реката Марица.
Просто е неверојатен тој звук на воените барабани и труби на просторот кој излезе од страшни војни со многу жртви и разорувања само пред 25 години, но ако појдеме од фактот дека сите држави што настанаа по распаѓањето на Југославија, со исклучок на Словенија, во својата суштина се неуспешни проекти кои се претворија во монструми за тероризирање на своите населенија, ќе ни биде појасна моќта, истите тие народи кои во меѓувреме се дополнително заглупавени, да се покренат во нови страобални и самоуништувачки глупости.
Трето, самиот тајминг е многу важен. Треба да се потсетиме дека Македонија пропушти многу тајминзи за решавање на својот статус трошејќи го времето на внатрешни глупости, да речеме да не се глупиравме со името, ќе бевме и во ЕУ и во НАТО многу порано и под подобри услови. Да не се занимававме со нормативите кои ќе обезбедат доминација на Македонците над Албанците, целата историја можевме да ја забрзаме за неколку децении. Да ја отворевме вистината за вмро како историски мит и политички концепт, да ја расчистевме таа историска лага, целата политичка конституција и реализација ќе беа многу порано средени.
И така натаму.
Четврто, Законот беше мечот што власта и целата нација мораа да му го забијат во вратот на побеснетиот бик кој во нашата арена се вика вмро. И му го забија. Се уште не му се отсечени ушите, но и тоа време ќе дојде. Тој момент, пак, беше важен за да се, радикално, би рекол очигледизира разликата меѓу светлоста и темнината, меѓу доброто, кое, можеби, и не е толку добро и злото кое е несомнено.
Екипата на Мицко го помогна тој процес.
Хахаха, тоа е единствената добра работа што ја направија.
Мислам, тоа што не беа макар малку попаметни.
Некои велат дека Законот за јавното обвинителство за вмро беше борба на живот или смрт. Јас мислам дека тие цело време се бореа на страната на смртта. Не знам дали беа свесни за својот избор, дали беа изманипулирани или сивата маса им беше нападната од бели црви, но тие беа нуркачи на здив кои тонењето во длабочините на смртта го сметаа за неприкосновено право и остварување на својата мисија. Затоа што мислеа дека над себе ја влечат и Македонија.
Никогаш ниту една смрт не била порадосна!
Петто, поразот на вмро е важен и во најбуквална егзистенцијална смисла затоа што е јасно и стана уште појасно дека под раководството на таква група злосторници, будали, примитивци и идиоти, за два месеца би можела да падне и Руската федерација, камо ли Македонија.
Конечно, собраниската и генералната политичка и општествена пресметка ѝ овозможи на Европа и на светот да видат дека нема поголем ризик за стабилноста на европскиот обид и за западните политики во овој дел на светот од злосторничката банда на вмро.
Шесто, се разбира дека таа битка и самиот тек и резултатот, го заокружуваат феноменалниот успех на Заев и на неговата партиска и владина екипа. Особено ако се земат предвид ограничувањата на политичката конфигурација и некои други проблеми. Ова со Преспа, Бугарија, Уставот, Референдумот, името, Законот за јазиците, Законот за јавното обвинителство и другите законски измени во оваа последна сесија на собранието, се просто нестварен резултат. Се разбира дека за тоа беа потребни и компромиси. Но, дефектот на компромисите е минијатурен од во однос на огромните бенефити за државата и општеството за луѓето.
Се надевам дека луѓето ќе знаат да ги хонорираат тие успеси на претстојните избори и да се дистанцираат од ризиците што ги носи екипата на Христијан, особено сега кога остана како канта од која е испразнето сето идејно, политичко и тактичкостратегиско млеко.