Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски за утре ги повика на протест членовите на партијата и сите граѓани, од Обвинителството до Врховниот суд, на кој сака даа порачаат дека одговорност за неправдите мора да има, а дека Зоран Заев е виновен.
Од владејачката партија му вратија дека повторно е извршител на Груевски, и дека по аберот кој пристигнал од Будимпешта,“ Христијан Мицкоски извршителот на Груевски утре ќе маршира за неправда“.
Додаваат дека откако не им успеал обидот преку блокади, закани и уцени во Собранието да го закочат процесот на носење на Законот за Јавно обвинителство, Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ сега ќе протестираат против правдата, против одговорноста, против независното судство.
„Мицкоски, Груевски и ВМРО-ДПМНЕ не можат да се борат за правда. Не можат да носат правда тие кои носат неправда, тие кои се бегалци од правдата, тие кои се заглавени во криминал и корупција. Мицкоски и Груевски протестираа кога се отворија предметите против криминалците од ВМРО-ДПМНЕ, протестираа кога беше донесена пресудата против Груевски, протестираат и денес кога донесовме нов Закон за Јавно обвинителство кој е темел за реформите во судството“, порача Костадин Костадинов од СДСМ, на прес-конференција.
Протестот на кој повика Мицкоски треба да почне во 18 часот во вторник, пред Обвинителството на кејот на реката Вардар до Врховниот суд.
„Протест на кој ќе порачаме дека одговорност мора да има за неправдите и дека Заев е виновен. Порака за чуварите на неправдите на Заев, ЈО и судството: оваа држава која почива на правдата на нашата борба за независност и слобода, на почитување на правото, мора да се спротивстави на ваквото брутално кршење на законите и Уставот. Тоа е наша обврска и наша должност но и наша задача“, појасни Мицкоски.
Тој побара одговорност од поранешниот премиер и лидер на СДСМ Зоран Заев по вчера објавената аудио снимка на која се слуша како Заев зборува за Законот за јавно обвинителство и Врховниот суд.
Од СДСМ пак, се на мислење дека секогаш кога Мицкоски ќе изговори правда, мисли на криминал.
„Мицкоски прави се за да го заштити неговиот шеф Груевски од злоделата и да го врати на власт“, рече Костадинов, доавајќи дека ќе има одговорност за сите криминали и незаконски постапки.
Б.Б.