Фотографијата на лидерот на СДСМ и поранешен премиер Зоран Заев на која тој прави „селфи“ во позадина со луѓе кои наводно држат албанско знаме, е фотомонтажа која се шири на социјалните мрежи, пренесе МЕТА, пишува „КриТинк“.
Оригиналната фотографија е направена по снимање на забавната емисија „Еден на еден“ каде што Заев гостуваше и по снимањето тој направил „селфи“ со публиката.
На социјалните мрежи се ширеа и други фотографии од Заев со албанско знаме проследено со коментари „Призна, ние не сме македонска партија“.
Со фотографиите на Заев со албанското знаме, се прави обид СДСМ да се прикаже како албанска партија. Но, според изјавите на лидерот на партијата, едно е да кажете дека „ќе се обидете да направите коалиција со албанските партии“, а сосема друго дека „СДСМ повеќе не е македонска туку мултиетничка партија“. Мултиетичноста не ги вклучува само Албанците, туку и другите припадници на етнички заедници кои живеат во државата. А коалицирањето помеѓу македонски и албански политички партии не е ништо ново на политичката сцена.