Градоначалникот на Скопје Петре Шилегов бара Општина Центар да му ја предаде сопственоста на спомениците од проектот „Скопје 2014“ за, како што вели, „да ги реши“ после парламентарните избори на 12 април. Ова Шилегов го кажа на трибината која ја организираше дигиталната редакција САКАМДАКАЖАМ.МК, на тема „Граѓанска зелена моќ – влијанието на граѓаните врз зачувување на јавниот интерес при урбанистичкото планирање“.
На трибината на која учествуваа и градоначалникот на Општина Центар Саша Богдановиќ, претседателот на Асоцијацијата на архитекти на Македонија Мартин Пановски, Жанета Трајкоска, директорка на Институтот за комуникациски студии (ИКС) и Ана Радоњиќ, потпретседателка на Асоцијацијата на архитекти на Македонија, Шилегов кажа дека проектот „Скопје 2014“, кој оваа власт го наследи, е токму силување на јавниот простор.
На Фејсбук денеска, градоначалникот Шилегов напиша: „Град Скопје има склучено договор со Општина Центар за одржување на спомениците. Јас барам да ми биде пренесена и сопственоста на спомениците и после избори јас ќе ги решам. Не се либам од тоа да носам политичка или било каква одговорност за отстранување на труењето на Скопје, кое не е само аеротруење туку е и ментално труење и се вика ‚Скопје 2014‘.“