Аналитичарот Џевдет Хајредини за „Слободен печат“ вели дека ДУИ е криминална структура и мора да се одржат на власт по секоја цена, оти во спротивно ќе завршат во Идризово.
– Доста им е на албанските гласачи од манипулациите на ДУИ и на ДПА. Кога ним им е во полза, тие коалицираат предизборно со македонски партии, а кога не им одговара, ги критикуваат другите. Да не беше СДСМ на последните локални извори, ДУИ немаше да има ниту еден градоначалник и тогаш им одговараше македонско-албанска коалиција. Тоа што се случи ваква предизборна коалиција е добро. Мора еднаш да се расчисти со тие манипулации, затоа што партиите ги злоупотребуваат и ги комерцијализираат етничките чувства, ги користат како комерцијален продукт – вели Хајредини.
Тој потсетува дека кога се основаше, ДУИ отвори ограноци во Штип, во Кочани и на други места за да се зачленуваат Македонците.
Тој смета дека македонско-албанската коалиција евентуално може да им наштети само на СДСМ, затоа што помалите албански партии не ризикуваат ништо, бидејќи и онака се во опозиција.
Аналитичарот Насер Зибери во „Утрински брифинг“ на Слободна ТВ вчера истакна дека коалицијата СДСМ-БЕСА е сериозна закана за ДУИ.
– Беса може сериозно да повлече гласови, бидејќи по инерција се создава атмосфера на победничка коалиција. Во минатото се покажа дека ДУИ како стабилен и константен коалиционен партнер во Владата по инерција добиваше сериозен дел на гласови само поради фактот што гласачот беше убеден дека тој политички субјект ќе опстане на власт. Сега се менуваат работите – вели Зибери.
Тој проценува дека на овие избори на СДСМ ќе му требаат 60.000-70.000 гласови од албанските граѓани, кои се достижни со формираната предизборна коалиција. На тој начин, вели Зибери, СДСМ ќе може да го победи ВМРО -ДПМНЕ, но и ДУИ, со што ќе се профилира како единствена политичка сила во Македонија.