Шефовите на држави или влади на Европската унија денеска треба да го потврдат ставот од заклучоците на шефовите на дипломатијата на Унијата кои ги одобрија пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија, пренесе Радио Слободна Европа.
Тие ќе ја повторат и својата заложба за „Зајакнување на процесот на проширување“ и „Веродостојна перспектива на ЕУ за Западен Балкан“, нова методологија на процесите што го води регионот кон Унијата.
Измените во методологијата можат да бидат и за „преговорите со Црна Гора и Србија, со договор на тие земји“, се вели во заклучоците на министрите, кои шефовите на држави или влади на Унијата треба да ги потврдат на денешната видео сесија.
Министрите за надворешни работи потенцираат дека целта на новата методологија, подготвена од Европската комисија во февруари, е „зајакнување на пристапниот процес “. Министрите велат дека преговорите за пристапување во ЕУ ќе бидат „засновани врз објективни критериуми“.