Во регистарот на професионални интернет портали што го покренаа Здружението на новинарите (ЗНМ) и од Советот за етика во медиумите (СЕММ), не фигурираат главните партиски мегафони на ВМРО-ДПМНЕ, како Лидер, Курир, Република, Инфомакс, Нетпрес. Овие интернет портали се наметнуваат како главни креатори на лажни вести со поддршка на политиките на ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски. Оттаму, очекувано е да ги нема во регистарот на медиуми кои мора да ги почитуваат правата за етичност, професионалност и правилно известување, а на крајот и понесување одговорност за евентуално неточно изнесените информации.
ВЕТУВАЊАТА ЗА ПРОДУЦЕНТИТЕ НА ЛАЖНИТЕ ВЕСТИ
Но, набројаните портали се подготвени да понесат и кривична одговорност во име на партијата, каков што е случајот со самопрогласениот новинар на Инфомакс. Осуден е на условна затворска казна. Лесно беше да се претпостави дека и по изрекување на судската пресуда, овој портал ќе продолжи, дури и уште позасилено, со креирање лажни вести, а со тоа ќе ги охрабрува и останатите портали од споменатата групација да не прекинуваат со црната пропаганда и со манипулирањето на јавноста.
Уште една лесна претпоставка е дека ВМРО-ДПМНЕ стои зад овие самонаречени медиуми и со пари, односно со ветување, дека партијата ќе плати ако им биде одредена парична казна за некоја пласирана лага. Ако тоа е така, тогаш ни оддалеку не изненадува фактот што порталите блиски до ВМРО-ДПМНЕ се чувствуваат комотно и заштитено. Затоа, тие континуирано продуцираат и шират огромни количини лажни вести и дезинформации.
ВО СЛУЖБА НА ВРХУШКАТА
Со тоа што тврдо ги застапуваат интересите само на една тесна партиска клика, порталите на чие кормило стои „белата палата“, свесно го загрозуваат и правото на точно и навремено информирање. Но, тоа не е сѐ. Овие медиуми што се под долгогодишната очигледна команда на врхушката на ВМРО-ДПМНЕ, дејствуваат и во директна спротивност на националните стратешки интереси.
Тоа дејствување против националните интереси, во најостар контраст беше изразено за време на напорите да се постигне Преспанскиот договор и по него, за време на процесот на зачленување на Северна Македонија во НАТО, а во овој период и со датумот за преговори со ЕУ.
ПРОПАГАНДНА МАШИНЕРИЈА
Како овие портали продуцираат лажни вести? Прво, секоја лага ја пласираат како скандал или афера за да налепат публика. Секогаш, без исклучок, измислениот скандал или афера се објавува како главна тема не денот на насловните страници на порталите и останува таму цел ден, како на пример лагата дека лекарот Христијан Дума е заразен со корона вирус и продолжил да оди на работа во клиника. За оваа група портали не е важно кој прв ја објавил веста, тие се подготвени да ја преземат таа содржина од „ексклузивниот“ портал дента и да ја постават како главна вест и на својот портал. Важно им е пропагандната машинерија да врти со лагите.
Ако го анализираме случајот со лажната вест за лекарот Дума, можеме пластично да објасниме колкава е користа, а колкава е штетата од објавената лажна вест. Корист имаат само порталите на ВМРО-ДПМНЕ и тие како партија. Зошто? Кога Лидер објави, а сите други веднаш пренесоа, дека има заразен лекар кој наводно одел на работа, порталите го поврзаа лекарот со министерот Венко Филипче, дека тоа бил негов лекар, дека Филипче има неодговорен персонал…
ПАРТИСКА ПУБЛИКА
Таквата лажна вест ја продаваат кај својата партиска публика, преку порталот, но и преку многубројни групи на социјалните мрежи зад кои стои споменатата партија (макар и како инспиратор, ако не и сопственик). Преку тие онлајн социјални профили, тие ја дистрибуираат лажната вест до голем број читатели, за утредента, кога ќе стигне демантот, ништо да не може да го смени мислењето кај целната публика – дека лекарот не бил заразен и дека бил во изолација кога дознал дека имал контакти со заразено лице.
Понатаму, „скандалот“ ќе се објави на насловната страна и стои 24 часа, па утредента, па денот потоа, се повторува упорно лажната теза, а демантот што ќе го испрати засегнатиот во текстот или не се објавува, или се објавува некаде во позадина, но не и на насловната страница каде што ќе остане исто како и лагата – 24 часа.
МЕЃУ ЛАГИТЕ И ВИСТИНАТА
Пример се последните лаги пласирани против Радмила Шекеринска и Никола Димитров, за наводно ненаменско трошење државни пари. Три дена мегафоните на Мицкоски уверуваат како двајцата министри крадат народни пари.
Потоа, кога ќе се објават фактите и документите со кои се побиваат лажните вести и дезинформации, истите овие портали го релативизираат случајот и се прават наивни. И, се разбира, или нема да објават демант, или ќе објават една реченица која одвај можете да ја најдете во содржините за дента, или најстрашното – ќе објават демант, но продолжуваат со истото, без да се извинат за лагите, па дури и упорно тврдат дека тие се во право и го повторуваат измислениот скандал.
ПОСЛЕДИЦИ И ПРОФИТ
И сега, ако на овој начин, со лажни вести им се нанесе штета на министрите на СДСМ, тогаш значи дека профитира ВМРО-ДПМНЕ. Оваа партија, наместо да се приклучи кон борбата против ширењето на смртоносниот корона вирус, одлучи да води црна медиумска кампања против политичките ривали, веројатно надевајќи се дека така ќе си помогнат во градење на политичкиот рејтинг.
Ако ВМРО-ДПМНЕ има корист од сето ова, кој трпи штети? Граѓаните, јавноста, државата, институциите, медиумскиот простор, медиумите и новинарите кои се обидуваат да работат чесно, професионално и објективно… Или во превод, губат сите, освен Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ. Не смее да се заборави и фактот дека некои од овие портали се под истрага за финансиски криминал, односно надлежните институции го проверуваат нивното финансирање. Како што објавија релевантни новинарски истражувачки мрежи, тие се финансирани со црни пари од Будимпешта. Таму се крие Никола Груевски, а Мицкоски беше кај Орбан (сигурно и кај Груевски) само еден ден пред ВМРО-ДПМНЕ да ги објави листите за изборите кои се одложија. Провидно, многу провидно.
ТРАНСВЕРЗАЛАТА ОРБАН-ГРУЕВСКИ-МИЦКОСКИ…
На сите им е јасна трансверзалата Орбан-Груевски-Мицкоски и нивното дејствување преку медиумите (партиски гласила е поточен назив). Згора на сѐ, продукцијата на лажни вести се прави со црни пари.
Дури и на самите новинари во овие редакции им е јасно дека се впрегнати во операции насочени против македонските национални интереси, со учеството во креирањето и објавувањето на лажните вести и дезинформациите, но се правдаат пред самите себе и пред блиските дека мораат од нешто да живеат.
Во право се, секој од нешто мора да живее, но прашање е по која цена и со колкави последици е таквото „преживување“. Да не говориме за тоа дека со своето соучесништво во операциите против македонската држава, ги кршат законите и газат трудот на професионалните новинари кои трагаат по вистината и фактите.