Како дел од свечената и церемонијална завршница на стапување на нашата земја во полноправно членство во НАТО, денеска во 15:00 часот по средноевропско време, истовремено ќе бидат подигнати три македонски знамиња, две во Белгија и едно во САД.
На свечената церемонија во седиштето на НАТО во Брисел, присуствуваат генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, претседавачот на Воениот комитет на Алијансата маршал Стјуарт Пич, и в.д. шефот на Постојаната мисија на Република Северна Македонија при НАТО, Зоран Тодоров.
Македонското знаме истовремено ќе биде подигнато и пред Сојузничката команда за операции во Монс, Белгија и во Сојузничката команда во Норфолк, Вирџинија. Свечената церемонија на подигањето на македонското знаме пред седиштето на НАТО во Брисел, преку видео врска во Скопје ќе ја следи претседателот на Владата на Република Северна Македонија Оливер Спасовски, после што ќе има свое кусо обраќање.